Почна изградбата на базен од затворен тип во Кичево

Базен од затворен тип ќе се гради во близина на стадионот „Влазерими“ во населбата Пашино во Кичево што е согласно одлуката на Владата, според која е предвидено да се изградат вкупно 14 базени, од кои еден токму во овој град со околу 70 илјади жители.

Дополнително во оваа локација е предвидена покрај базенот да се градат и други спортски објекти – спортска сала, тениско игралиште, велосипедски патеки. Секако тука се двата стадиона, од кој едниот е изграден со средства на Фудбалската Федерација на С. Македонија, кој е со вештачка трева и секако постојниот стадион на Ф.К. „Влазерими.

Изградбата на овој базен ќе чини околу 44 милиони денари, додека времето предвидено за изградба е 18 месеци.

Според директорот Каевски, базенот ќе биде со димензии 25 метри со девет метри, односно неговата намена првично е за децата, но во попладневните часови ќе можат да го користат и другите граѓани на Кичево. Градоначалникот Фатмир Дехари изрази благодарност до Агенцијата за овој мошне важен инфраструктурен објект за децата, младите и другите граѓани на Кичево.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, пак, истакна дека оваа инвестиција е доказ дека Владата работи во изградбата на инфраструктурини објекти кои се во интерес на децата, младите, но и другите категории граѓани. Овој чин денеска, оцени, е доказ дека работиме на рамномерен развој на целата земја.