Заев: Се врши притисок и терор врз пратениците да не гласаат за законот за јавно обвинителство

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска изјави дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ и пратеници од оваа партија вршат притисок врз други пратеници да не се гласа за законот за јавно обвинителство. Тој вели дека кога Владата го пратила во собраниска процедура тој имал збор од 80 пратеници дека ќе дадат поддршка, но оти оттогаш се случуваат притисоци и закани кон пратениците. Дали за законот ќе биде обезбедено двотретинско мнозинство, посочи Заев,  ќе се знае кога ќе треба да се гласа за него.

-Раководството на ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив и поранешни пратеници, генерално осомничени или веќе обвинети луѓе, вршат притисок врз пратениците. Имав збор од 80 пратеници дека ќе го поддржат и затоа законот беше пуштен. Имав збор, но тоа што се случува е вистинска драма , вели Заев.

Тој додаде дека притисокот што се врши врз пратениците е десетпати поголем од оној што се вршел за време на уставните измени.

-Да се остават пратениците да одлучуваат по сопствено убедување. Јас ги немам пратениците во рака, раце… Секој од нив е многу свесна индивидуа за себе. Секој од нив е прво одговорен за тоа што е избран и ги претставува нашите граѓани во домот на демократијата и носат одлука согласно Устав и закон како што чувствуваат. Верувам дека ќе донесат вистинска одлука, истакна лидерот на СДСМ и додаде дали за законот ќе има двотретинско мнозиснтво ќе се знае до крајот на оваа седмица.

Заев смета дека ова законско решение треба да го озбезбеди функционирањето на правната држава и владеењето на правото. Потенцира дека во него нема никаква скриена амнестија, како што тврдат од опозициската партија.

-И снимките да се обезнедени со ПИ Мерки не може само врз основа на нив да се покрене обвинение, за тоа мора да има материјални докази. Сите обвиненија на СЈО до 30 јуни, се обезбедени, осигурени и предметите во судски постапки продолжуваат, а некои од нив се и со правосилни судски пресуди. Истовремено за се што е покренато по 30 јуни се дава шанса на основа на материјални докази ако има да продолжат, како што е случајот со Талир 1 и Талир 2 каде материјалните докази се основа на постапката, рече Заев.

Тој се надева дека ќе се смогнат сили законот да биде донесен и да се озбебеди владеење на правото, за како што рече, да се осигураме дека ќе функционира правната држава и правдата или ќе им дозволи на бандитите или осомничените за незаконски дејства да успеат, истакна лидерот на СДСМ.