Стопанска комора: Потребна е нова стратегија во прехранбената индустрија, селектирање на компаниите и производите со најголем развоен потенцијал

Изминатите 30 години ја девастиравме преработувачката индустрија, таа допрва ќе треба да го најде својот пат кон извозот и конкурентноста. Креаторите на политиките посветуваа(т) многу малку внимание на овој сегмент, за разлика од другите земји во регионот, а доволно беше само да го следиме словенечкиот пример на преструктуирање на земјоделството. Сé уште сме нето увозник на храна, немаме доволно суровина и квалитет, далеку заостануваме зад европскиот просек, а во пласманот надвор доминираат производи со ниска додадена вредност (свежо овошје и зеленчук), беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора.

Според експертите, немаме фокус, ниту дефинирани приоритети. Недостигаат стручни анализи за побарувачката поради што не ги користиме расположливите потенцијали (упорно извезуваме јаболка и праски, а не ја воочуваме потребата на пазарот од кашички од јаболка и праски).

Како што истакнаа професорот Дарко Лазаров од Универзитетот „Гоце Делчев“ и претседателот на Здружението за земјоделство во Комората, Ѓорѓи Петрушев, мора да се пренасочиме од производи со понизок, кон производи со повисок степен на финализација, од примарно производство кон преработка. Неопходно е градење нова стратегија во прехранбената индустрија, селектирање на компаниите и производите со најголем развоен потенцијал. Извозот кој засега е сведен на неколку групи производи, може да се прошири на многу повеќе. Притоа, водечки би биле конзервната и пекарската индустрија.

Клучните препораки се: креирање промотори за извоз во прехранбената индустрија, промена во начинот на субвенционирање, односно распределба на субвенциите според постигнат квалитет, воведување нови технологии и насочување на поддршката за рурален развој кон постојните компании кои може да бидат носители на тој развој и кои се подготвени да вложат на рационален, продуктивен и профитабилен начин.

Со трансформацијата треба да почнеме веднаш, зашто независно по колку години ќе влеземе во ЕУ, ако бидеме неподготвени, ќе ризикуваме цели гранки од земјоделството да доживеат „не многу убави моменти“.

-Изминатите 28 години не супеавме да изградиме консензус за преработувачката индустрија. Не се случува случајно оваа деиндустријализација. Сите креатори на економски политики, повеќе или помалку беа фокусирани на побарувачката – како преку брзи мерки да се стигне до краткорочен ефект во економијата, забележа професорот Лазаров.

Според него, не треба да се залажуваме дека можеме да креираме нов „Самсунг“, туку треба да се насочиме кон она што природно го поседуваме, а тоа се прехранбената индустрија и земјоделството. Македонскиот извоз во преработувачката индустрија, посебно на малите препријатија од конзервната индустрија, како и нивните маркетинг капацитети, не се доволни.

-Во оваа насока, никогаш досега, ниту една влада во земјава не се фокусира на градење мрежа на извозни промотори кои ќе работат за малите преработувачи, на градење нови капацитети и можности за извоз на нови пазари. Извозната активност, посебно пенетрацијата на нови пазари и е сложен и скап процес. Поединечно, компаниите –  преработувачи со извоз од еден, два или три милиони евра, немаат економска исплатливост да создаваат маркетинг капацитети кои би ги отвориле вратите на некои нои пазари. Затоа е неопходно креирање промотори на македонскиот извоз, посебно во преработувачката прехранбена индустрија, предочи Лазаров.

-Целта на мерките за поддршка на руралниот развој што се применуваат повеќе од една деценија беа првенствено насочени кон обезбедување доволна количина суровина за преработувачката индустрија и за извоз. Но, и по повеќе од десет години, сè уште сме во фаза каде со исклучок на тутунот, во останатите гранки од земјоделството не сме дојдени ни до доволно количини за преработувачката индустрија, а камоли да зборуваме за квалитет и конкурентност – области во кои за нас постојат големи предизвици и во кои има голема потреба за унапреудвање, рече Петрушев.

Уште денес, додаде, треба да се размислува за промена на системот на поддршка.

-Мора да се бара продуктивност преку воведување нови технологии во земјоделското производство и фокусирање на поддршката кон оние субјекти што може да бидат носители на развојот, продуктивноста и конкурентноста, а на тој начин носители и на извозот. Во секој случај не треба да се заборават малите производители, за нив поддршката и тоа како треба да продолжи, но мора да се преструктуира и наместо да постои знак на еднаквост, да се стимулира и наградува квалитетот, потенцира претседателот на Здружението.

Петрушев потсети на неодамна усвоените насоки на Стопанската комора за унапредување на земјоделството. Меѓу нив, потсети, се: засилување на диверзитетот и генетските ресурси во растителното и сточарското производство, воведување квалитетен репроматеријал за поголема продуктивност и економичност, примена на агроеколошки мерки и инфраструктурен развој пред се во руралните средини (освен квалитетни услови за живеење, обезбедување и образовна инфраструктура во селата).

Голем, а се уште неискористен потенцијал е и заштитата на географското потекло каде најнапредни се традиционалните производи и винарската индустрија каде патот за меѓународно признавање не е завршен. Предност, исто така, можат да бидат и органското производство, како и рационалното искористување на природните ресурси.

Според последното истражување на Здружението за земјоделство изготвено во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“, лани вкупниот извоз во земјоделството бил 210 милиони евра од кои 35 милиони се примарни производи од животинско потекло и 175 милиони од растително потекло (овошје и зеленчук). Вкупониот извоз на прехранбената индустрија изнесувал 410 милиони евра во кои најголемо учество имаат тутунот и производите од тутун, пијалаците (пред сé вино), како и месната, кондиторската, пекарската, конзервната и индустријата за здрава и храна за животни.

Квалитативната анализа покажува дека помалку од 1.500 комании во преработувачката индустрија се извозни. Вупниот извоз во примарното земјоделство го создаваат 110 компании, а во прехранбената 164 компании (50 компании во индустријата за пијалаци) или 323 компании имаат извозна активност.

Во примарното земјоделство извезуваме 50 произоди со компаративна предност, а во прехранбената индустрија 40. Притоа, само мал број производи извезуваме, наспроти потенцијалот со кој располагаме.