Димитриеска – Кочоскa: Државата се повеќе се задолжува, денеска со нови 3,5 милијарди денари

Македонија се задолжува, а нови инвестиции немаме, економијата стангира и е на последното место во Западен Балкан по раст, наведува дополнителниот заменик министер во Министерството за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска во соопштение во кое стои дека денеска нашата држава ќе се задолжи за нови 3 милијарди денари или 50 милиони евра.

-На 14 јануари 2020 имавме задолжување исто така од 500 милиони денари, а на 28 јануари 2020 година 1,3 милијарди денари, стои во соопштението во кое дополнителната заменик-министерка прашува каде одат овие огромни суми, кога граѓаните не гледаат никаков бенефит.

– Со денешната аукција има 37,300 милиони евра нето долг, додека капиталните инвестиции заклучно со денеска се 16 милиони евра. Тука, според неа, се поставува прашањето каде е разликата од 21 милиони евра и за што ќе служат овие средства, наведува Димитриеска Кочовска во соопштение.

Нелогичноста, додава, оди подалеку кога ќе видиме дека Владата потрошила 450 илјади евра за изградба на депонии, а внимавајте цели 350.000 илјади евра за реконструкција на споменици и 200.000 евра на нови моторни возила.

-Државата се повеќе се задолжува, а граѓаните треба да знаат што се случува со нивните пари, додека квалитетот на живот во Македонија стагнира и никој не живее подобро. Животот на кредити и крпен живот не е тоа што го очекуваат и сакаат граѓаните во Македонија. Ваквото во најмала рака несериозно располагање со парите на народот е неприфатливо и тоа мора да се промени, стои во соопштението од дополнителниот заменик-министер во Министерството за финансии.