Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска останува на ставот дека ќе ги држи прес-конференциите пред постојната табла во Министерството на која стои името Република Македонија. Тоа е табла, вели Мизрахи, што ја затекнала кога дошла во Министерството, и таму не постоел никаков друг банер.
-Јас тука никогаш тука не најдов банер, ова е таблата на Министерството и јас држам пресови пред таблата која ја затекнав. Нема да ставам банер кој не постоел тука. Ова е таблата од Министерството и пред оваа табла ќе се држат пресовите. На друго место да го поставите прашањето, со некои аналитичари и експерти во врска со Преспанскиот договор и да видите дали треба да се стави или не. Во овој момент јас не ставам банер, рече министерката Мизрахи одговарајќи на новинарско прашање дали на ваков начин не се крши Преспанскиот договор.
Во врска со одредени информации дека на ова реагирала и Грција и прашана дали стравува од последици, министерката Мизрахи истакна дека таква реакција не видела.
-Какви последици? Кон мене од твит? Јас немам твитер. Или со вербална нота, која јас впрочем никогаш не ја добив и не ја видов, ниту пак беше доставена за јавноста, рече Мизрахи.
На забелешката дека со таблата се крши и законот за употреба на јазиците за што е предвидена и казна министерката Мизрахи вели дека ако го прекршила законот таа се согласува да биде казнета.
По прес конференцијата од МТСП испратија и поаснување во врска со овој одговор на министерката.
-Поврзано со денешната изјава на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, сакаме дополнително да појасниме за одговорот на новинарското прашање кое се однесуваше на примена на Законот за употреба на јазиците. Министерката Рашела Мизрахи е граѓанин на Р. Македонија и даночен обврзник која ги почитува уставот и позитивните законски одредби како и сите останати граѓани на Македонија. Доколку министерката Мизрахи постапила спротивно од постоечките позитивно прави норми таа е спремна да сноси одговорност, се вели во појаснувањето од Министерството за труд и социјална политика.