Бошњаковски: Нема закажано нова средба меѓу премиерите Заев и Ципрас

Нова средба на премиерите на Република Македонија Зоран Заев и на Република Грција Алексис Ципрас сеуште не е закажана, информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Во врска со најавите од официјална Атина дека  во рамки на преговорите за спорот за името дека ќе побара менување на членовите 3 и 49 од Уставот на Република Македонија, Бошњаковски одговарајќи на новинарско прашање истакна дека во моментов не се разговара за такво нешто.

Коментирајќи за информации во грчки медиуми дека македонската страна на средбата во Давос прифатила се што било побарано од грчката страна, Бошњаковски посочи дека средбата во Давос на премиерите на двете земји беше јасна и транспарентна и се што било договорено било соопштено на прес-конференцијата по средбата.

– Се што беше договорено јавно на прес-конференција го кажаа премиерите која можеше и јавно да се проследи. Тоа што е направено во Давос е сериозен исчекор кон изнаоѓање решение на проблемот кој што Република Грција го има во врска со нашето уставно име. Дополнително сите работи што се договорени во Давос, премиерот Ципрас ги кажа на прес-конференцијата, истакна Бошњаковски.

Тој подвлече дека на разговорите во Давос всушност е постигнато откочување на евроинтегративните процеси на државата кои беа блокирани од 2009 година.

Додаде дека според договореното во Давос, како што вчера истакна и премиерот Заев, Владата ги донесе одлуките за преименување на автопатот и на скопскиот аеродром.

Запрашан која географска одредница Македонија е подготвена да прифати, како и во однос на опсегот на употребата на договореното име, портпаролот Бошњаковски како и многупати досега повтори дека детали околу преговорите во оваа фаза нема да соопштуваат.

– Преговорите се од сериозно значење за Република Македонија.Нема што да додадам од тоа што го кажа премиерот Заев дека сме подготвени за географска одредница, рече портпаролот на Владата Бошњаковски.