Ветерниот парк „Богданци” во јануари произведe двојно повеќе од планот

Ветерниот парк Богданци во јануари годинава произведе речиси двојно повеќе електрична енергија од планираното, односно имаше 95-отстотно натфрлање на планот, информираат од АД ЕСМ.

-Минатиот месец е регистриран како еден од најдобрите периоди од почетокот со работа на Паркот на ветерни електрани Богданци. Според официјалните резултати на АД ЕСМ, за претходниот месец се испорачани 15.968 мегава часови електрична енергија, велат од енергетската компанија.

Во 2019 година, додаваат, овој капацитет за производство од обновливи извори произведе 101.807 мегават часови електрична енергија што претставува натфрлање на годишниот план за шест проценти. Со постигнатиот резултат, ветерниот парк Богданци учествувал со 2,4 отсто во вкупното производство на АД ЕСМ за минатата година.

Во тек е јавниот повик на АД ЕСМ за проширување на ветерниот парк со нови ветерници. Рокот за пријавување на заинтересираните компании истекува на 2 март годинава.