Средба на министерката Мизрахи со претставникот на УНИЦЕФ во земјава Ди Џовани

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, денеска имаше средба со претставникот на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани, на која министерката се запозна со проектите и програмата кои ги работи канцеларијата на УНИЦЕФ, како и за унапредување на соработката со Министерството на сите полиња.

Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, на состанокот се разговарало и за програмата Вешто родителство и поддршката на Министерството во рамки на оваа програма.

-Вешто родителство е програма која се заснова на релациите и која препознава дека способноста на лицето за родителство треба да се разгледува во контекст на претходните релации на тоа лице. Програмата за вешто родителство, пред се, им овозможува на родителите да размислуваат за себе, и потоа за влијанието на изборите кои ги имаат направено врз нивната релација со детето, се вели во соопштението.

Оваа програма, како што посочуваат од Министерството за труд и социјална политика, досега има покажано исклучителни успеси во работа со родители од ранливи семејства, вклучително и самохрани мајки.