Жбогар: Новата методологија брза трака за оние кои сакаат да вложуваат

Како брза трака за оние кои навистина сакаат да вложуваат, ја оцени денеска евроамбасадорот Самуел Жбогар, новата методологија за преговарање на земјите-кандидати, што беше објавена завчера од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Жбогар денеска на брифинг со новинарите изрази верување дека мошне скоро земјите-членки ќе се изјаснат за новата преговарачка методологија и се надева дека новиот пристап ќе биде прифатен, но сепак, додаде дека тој не може да даде оценка што точно ќе се случи, бидејќи тоа зависи од земјите-членки.

Според него документот обезбедува добар баланс меѓу различните ставови на земјите-членки, оние кои имаат проблеми со процесот на проширување и оние кои се големи промотори на проширувањето.

Кредибилност, поголемо политичко управување со процесот, предвидливост и динамичност се четирите принципи на кои се базира новата методологија, а со неа земјите-членки ќе имаат поголема улога во оценувањето на напредокот на земјите кои преговараат.

Вклучувањето на секоја земја-членка во проценката на прогресот, според Жбогар нема да го направи преговарањето процес без крај, туку напротив на тој начин земјите-членки ќе бидат ставени во игра доволно рано во преговорите за да нема никакви проблеми подоцна и тие понатаму да ја преиспитуваат одлуката на Европската комисија.

Вели експерти од земјите-членки ќе доаѓаат во оценувачки мисии, кои ќе изготвуваат извештаи налик на тој на Прибе.

-Целта е да се избегнат одложувањата, во случај земјите-членки да имаат различни гледишта, рече Жбогар и додаде дека досега процесот меѓу земјите-членки се гледал како сопственост на ЕК.

Напомена дека со досегашниот начин на преговарање земјите-членки и граѓаните на Унијата имале впечаток дека кандидатките не се менуваат, не прават суштински реформи, има недоверба дека земјите кои преговараат, како Србија и Црна Гора всушност не прават суштински промени. Додаде дека во моментов процесот е спор и нема конкретни бенефити на земјата.

-Наместо минумум од минимум целта е да се направи максимум од максимум, вели Жбогар на новата методологија.

Преговорите ќе се водат на подинамичен начин преку кластерите (групи на поглавја) кои ќе се отвораат зависно од проценката на напредокот во земјата кандидат, но останува принципот според кој поглавјата поврзани за владеењето на правото и правдата се темел на целиот процес. Шест се на број кластерите поделени на фундаментални теми (судство и темелни права, правда, слобода и безбедност, економски критериуми, демократски институции, јавна администрација, јавни набавки, статистики, финансиска контрола), Внатрешен пазар, Конкурентност и инклузивен раст, Зелена агенда и одржлива поврзаност, Ресурси, земјоделство и кохезија, Надворешна политика.

Фундаменталните теми ќе се отвораат први и додека не се затворат, нема да можат да се затворат ниту другите кластери. Жбогар вели дека никаде во документот нема импликација дека шестте кластери треба да се отвораат еден по друг, можат истовремено да се отворат неколку кластери, тоа зависи од земјата и од нејзините внатрешни специфики.

Жбогар смета дека институциите во земјава имаат капацитет за новата методологија, напомена дека она што треба да се покаже е волја за нејзина примена, доколку таа биде усвоена.

Се надева и очекува дека земјите-членки ќе го прифатат документот пред крајот на март, со оглед на тоа што на 24 март заседава Советот за општи работи, а потоа следува Советот. Вели времето е кусо, но се надева дека двата процеси ќе добијат зелено светло – и новата методологија и датум за отпочнување преговори за членство за земјава.

-Законот за јавно обвинителство треба да се донесе бидејќи со тоа ќе покажете промена на начинот на мислење, она што е минимумот, потребен да се направи за отворање на преговори во насока на тоа како да ги искористиме максимално преговорите за промена на државата, со цел да спречите младите луѓе да си заминуваат од земјата, изјави евроамбасадорот пред почетокот на брифингот со новинари, а и во текот на брифингот говореше за законот и потребата од негово донесување.  за новата методологија на Европската комисија.

Изрази надеж дека сите политички субјекти ќе дадат поддршка за законот, бидејќи со него, како што кажа државата симболизира демонстирање волја за владеење на правото. На тој начин на тоа гледаат земјите-членки, вели Жбогар и додава дека Мисијата на ЕУ го видела законот и за неа е сосема прифатлив.

Одговарајќи на новинарско прашање за евентуалните реакции на Холандија и Франција, доколку не се донесе законот, Жбогар каже дека не може да дава прогнози за нивните реакции, но додаде дека ќе има разочарување, ако не се усвои.