Пленковиќ: Очекувам за време на нашето претседавање С. Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ

Интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија е многу важна за Хрватска. Се надевам дека С. Македонија ќе ги почне преговорите со ЕУ уште пред загребскиот самиот во мај. Ова доцна синоќа го кажа хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, за време на средбата со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, јави дописникот на МИА.

Хрватска ќе има активна улога во напорите С. Македонија и Албанија да ги почнат преговорите час поскоро, додаде Пленковиќ.

Вицепремиерот Османи на средбата во Загреб лично му се заблагодари на Пленковиќ за неговиот ангажман во однос на проширувањето на ЕУ.

– Како непосреден сосед на Западен Балкан и практично дел од поширокиот балкански регион, немам дилема дека Република Хрватска искрено се залага за промоција и интензивирање на европските перспективи на целиот Балкан, а имајќи ги предвид долгогодишните пријателски односи и искрената поддршка за европските интеграции на Република С. Македонија, истакна Османи.

Министерот за надворешни работи Димитров на Пленковиќ му кажал дека, според него, новата методологија за водење преговорите со ЕУ дава шанса за вистински реформи во државите аспиранти за членство.

– Во пресрет на мартовските дискусии на Советот помошта на Хрватска ќе биде од клучно значење да се подготви теренот и да се овозможи донесување на одлуката за преговори заедно со методологијата. Методологијата, според нашите оценки, дава повеќе за оние кои ќе постигнат повеќе, а нуди помалку за оние кои нема да успеат да испорачаат доволно. Затоа сметаме дека за нас таа претставува шанса да го надополниме изгубеното време и да се докажеме дека сме способни да го изодиме патот до зачленувањето, истакна Димитров.

Во рамки на посетата на Хрватска, Османи и Димитров остварија средби и со министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, како и со претседателите на собраниските комисии за надворешна политика и за европски прашања при Хрватскиот сабор, Миро Ковач и Домагој Иван Милошевиќ.