Куманово ќе добие едношалтерски систем за услуги од девет институции

Дигитализацијата на граѓаните ќе им овозможи полесен пристап до услугите  што ги нудат различните државни и локални институции. Во Занаетчискиот дом во Куманово ќе функционира канцеларија каде на едно место граѓаните ќе можат да добијат услуги од девет различни институции, беше истакнато на трибината „Дигитализација на јавните услуги“ што се одржа денеска во  Куманово, во организација на Министерството за информатичко општество и дигитализација.
На трибината беа презентирани досегашните системи кои се претходници на сегашниот е-услуги. Граѓани и претставници од институциите имаа можност да видат на кој начин полесно можат да добијат информација, а институциите како да понудат.
-Уште една од серијата трибини во кои што зборуваме за дигитализацијата на јавниот сектор, ние го презентираме целиот пакет на една платформа за достава на услуги по електронски пат од страна на институциите. Се работи и за новиот портал uslugi.gov.mk., се работи и за електронскиот регистар на население, за системот за единствена најава, за електронскиот систем за водење управни постапки, новиот документ менаџмент систем, едни делови од поголем систем, но целосно веќе комплетен систем за достава на електронски услуги од институциите кон граѓаните, изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Тој истакна дека имаат добра сорбаотка со општината, која понудила простории кои во скоро време ќе се користат како едношалтерски систем.

Одговарајќи на новинарски прашања, Манчевски рече дека во зависност од институцијата зависи дали ќе се добие финалниот документ.

-Се работи за разични услуги од различни институции. На пример, сега целосно законски е валиден електронскиот документ исто како и хартиениот, донесена е законската регулатива, донекаде се уште е проблемот дека не сите институции тоа го применуваат и ние тука работиме многу, со дел од овие институции и тоа е најтешкиот дел од работата. Некои услуги, сепак не е возможно да се добијат. Многу бргу со МВР ќе ја развиеме услугата за електронско поднесување на сите потребни документи, докази за издавање на лична карта или пасош, но физички ќе мора да отидете да го подигнете, така што зависно од услугата е различно, сепак, се што е возможно одиме да биде достапно електронски иако, мора да ја оставиме и другата опција, бидејќи  има граѓани кои се уште не се навиканати да ги користат услугите, изјави Манчевски.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски рече дека ова е корисен проект на ресорното Министерство и на Владата, којшто општината го поддржува. Тој смета дека со проектот ќе се надминат поголем број од бирократските постапки во однос на издавањето на документацијата од надлежните органи, вклучително и општината.

-Морам да констатирам дека се соочуваме со сериозни проблеми во делот на она што значи давање на сервис кон граѓаните и со еден ваков усовршен систем едноставно ќе се  унапреди и ваквиот начин на работа. Тоа подразбира дополнителна едукација на вработените, а особено го поздравувам потегот што заеднички го изработивме со Министерството за отварање просторија која ќе се користи како едношалтерски систем за давање на повеќе услуги и како едно биро за информирање на граѓаните од повеќе области, изјави Димитриевски.

Маснчевски најави дека предизвик што треба да се надмине и на кој што работат институциите е во наредниот период, базите со кои располагаат, а кои се во хартиена форма, да се дигитализираат, во рамки на проект со поддршка на ЕУ.  Во следниот период ќе се дигитализираат клучните регистри во државата и поголем број на документи, автоматски ќе можат да се разменуваат меѓу институциите. Досега е изработен Националниот портал за електронски услуги, преку кој граѓаните пристапуваат до услугите до сите институции, како и каталогот на услуги кој ги опфаќа законите кои се однесуваат на граѓаните, но и на правните лица кои добиваат се што е потребно за една услуга, од документи, колку чинат.