Необработен медицински отпад без почитување на пропишаниот протокол се третирал на депонијата Дрисла. Случајот во декември го открил главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски кој реагирал професионално и одговорно затоа што имал многу дојави од граѓани дека во кругот на фирмата подолго време се случува нешто сомнително, се шири непријатен мирис и дека отпадот не се третира соодветно. Градскиот инспекторат го известил Јавното обвинителство.
Ова го соопшти на прес-конференција градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, кој побара од Јавното обвинителство да го испита случајот, а Министерството за животна средина и просторно планирање да ја испита работата на компаниите кои имаат лиценца.
– Ова е за жал начинот на кој бил третиран медицинскиот отпад во Скопје за кое ние немаме податоци за тоа колку долго и колку често се третирал на ваков начин. Наместо термичка обработка и стерилизација се случувало медицинскиот отпад да завршува во „Дрисла“ како обичен отпад, наведе Шилегов.
Отпадот, како што рече Шилегов, бил носен од Прилеп и Битола.
– Станува збор за субјект регистриран во Битола, кој поседува лиценца за работа, ова што можевте да го видите се остатоци од медицински отпад од медицинските центри во Битола и Прилеп донесени во Скопје, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање.
Градот пред 50-на дена го доставил видео доказот во Јавното обвинителство, но како што вели Шилегов, досега немаат каква било информација за преземени дејствија и дали воопшто официјално е започната истрагата.
– По наши сознанија во пракса се случува дека сторителот на ова се покрива со документација од друга државна надлежна институција, рече Шилегов.
Одговарајќи на прашање дали и како се третирал овој медицински отпад во минатотото, тој посочи дека немаат сознанија, но смета дека ова е доволен доказ имајќи предвид, како што рече, дека несоодветното третирање на опасниот отпад може сериозно да го загрози здравјето на луѓето и да предизвика епидемија.
Шилегов информира дека инсинераторот во Дрисла работи, а стерилизаторот е во фаза на набавка, и очекува на почетокот на април дека ќе го инсталираат. Тој утре заедно со министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини ќе ја посетат Дрисла.
Во однос на контролата на транспортирање и на собирање на отпадот, на прес-конференцијата беше појаснето дека таа е поделена на Државниот иснпекторат за животна средина и Државниот санитарен инспекторат. Санитарниот инспекторат го контролира собирањето внатре во болницата, во институцијата, додека Државниот инспекторат го контролира транспорот од болницата до крајната точка.
Шилегов информира и дека за тоа кои и какви количини, што е депонирано, што е папиролошки завршено или не е, е предмет што ќе го утврди ревизијата на Град Скопје што очекува за 2-3 месеца да биде завршена.
На прес-конференцијата, инспекторот Богдановски детално ги образложи фотографиите и видеоматеријалот.
– Машината за преработка на медицинскиот отпад за време на контролата не беше во функција и отпадот не беше соодветно третиран, со што отвораше можност за ширење опасни зарази по животот на луѓето и животните. Медицинскиот отпад се обработуваше во машина за сечење која што само го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Таквиот непреработен медицински отпад го префрлаа во камион што не е соодветен за транспорт на ваков тип инфективен и опасен отпад за потоа да биде транспортиран во „Дрисла“ како обичен отпад, објасни Богдановски
Фирмата што го транспортира отпадот во Скопје, како што потврдија од Министерството за животна средина и од болниците, е „Еко клуб“ од Битола.