Димитриеска-Кочоска: Граѓаните осиромашуваат и мораат да земаат кредити за да преживеат

Граѓаните се приморани да земаат кредити за да преживеат, додека компаниите се помалку земаат кредити од банките, поради лошата состојба во економијата, односно мислат дека ризикот е преголем за да инвестираат, ова, вели, дополнителен заменик министер за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, е заклучок по извештајот на ММФ во кој се констатира дека кредитирањето во секторот домаќинства континуирано расте и заклучно со 2018 е на ниво од 25 отсто од БДП.

-Ранливост која е идентификувана во врска со кредитирањето на секторот домаќинства е фактот дека 40 отсто од потрошувачките кредити ги имаат земено домаќинства, кои имаат приходи под просечната плата во Македонија. Ова претставува ризик во однос на можностите за сервисирање на овие долгови во случај на економски шокови и ги изложува овие домаќинства на ризик од сиромаштија и „должничко ропство“, изјави Димитриеска Кочоска

Наведе дека согласно кварталниот извештај (30.9.2019) за ризиците во банкарскиот систем кредитите на секторот домаќинства продолжуваат да растат и на квартална и на годишна основа, додека пак корпоративните кредити се намалуваат. Ова,оцени, покажува дека целокупната економска активност во општеството забавува. Сериозно се забележува кај корпоративното кредитирање каде што имаме намалување кредитирањето од 3,2 отсто во третото тромесечие од 2019 година во споредба со второто тромесечие. Забавувањето на економската активност, негативно ќе придонесе во реализацијата на проектираниот раст за 2020 година.

Дополнително, според неа, на ова треба да се надоврзе зголемувањето на долгорочните кредити за сметка на намалените краткорочни кредити, во услови на намалување на инвестициите во основните средства. Ова укажува на фактот дека компаниите се борат со проблеми со ликвидноста, поточно во стопанството нема пари.

-Што повеќе треба да се додаде после вакви фрапантни податоци во македонската економија? По овој извештај на ММФ, ни доаѓа како заклучок она што цело време го потенцирам и говорам, дека граѓаните се повеќе осиромашуваат, па се приморани да земаат кредити за да преживеат, додека компаниите се помалку земаат кредити од банките, поради лошата состојба во економијата, односно мислат дека ризикот е преголем за да инвестираат, изјави дополнителниот заменик-министер за финансии.