По подобрувањето на политичката состојба во Македонија, фокусот е ставен на стратешките цели, членство во НАТО и ЕУ, порача денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на средбата со командантот на Командата за специјални операции на САД во Европа, генерал-мајор Марк Шварц.
Како што соопштија од Министерството за одбрана, соговорниците на средбата заклучиле дека Македонија и САД имаат сеопфатна и континуирана соработка во областа на одбраната, и дека заедничка заложба е таа соработка да биде уште поинтензивна, особено во делот на специјалните сили на двете армии.
Шекеринска го информирала гостинот дека Македонија останува посветена на учеството во меѓународните мировни мисии и на заедничките вежбовни активности со партнерите од НАТО, со што се зголемуваат и способностите и капацитетите на Армијата на Република Македонија.
Генералот Шварц ја истакнал одличната соработка со АРМ на полето на специјалните сили и посочил дека САД и во иднина ќе ја поддржуваат АРМ во развојот на нејзините капацитети преку релевантни обуки и тренинзи. Генералот ја поздравил одлуката за зголемување на припадниците на АРМ во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан во 2018 година.
Во рамки на посетата, генералот Шварц се сретнал и со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски на која се разговарало за долгогодишната соработка во обуката, заедничкото учество во меѓународни вежби и можноста за користење на капацитетите на АП „Криволак“ за заеднички активности. Шварц ја посетил и Командата на Полкот за специјални операции на АРМ.
Полкот за специјални операции во АРМ и Командата за специјални операции на САД во Европа соработуваат од 1996 година кога беше реализирана и првата од програмите за заеднички обуки. Во 2016 и 2017 година припадниците на Полкот беа дел од поголем број вежби организирани под покровителство на САД, меѓу кои и „Saber Junction 16“, „Anaconda 16“, „Combined Resolve 7“,„Combined Resolve 8“, „Allied Spirit 6“, „Saber Guardian 17“.