Изминатиот период на Универзитетската клиника за ендокринологија се преземени низа активности за осовременување на постојните капацитети, кои овозможуваат нови стандарди во лекувањето на ендокринолошките болести. Комплетно се реновирани и опремени интензивната нега, дел од болничкото одделение, собата за изолација, набавени се нови болнички кревети, апарати за мониторинг на виталните функции и континуирано следење на гликемијата за најтешките пациенти со животозагрозувачка состојба.
– За офталмолошкиот кабинет е набавена фундус камера, биомикроскоп за преглед на предниот очен сегмент, иридокорнеалниот агол и ретина со посебни призми, и апарат за бесконтактно мерење на очен притисок, со што Клиниката за ендокринологија е вклучена во интернационален проект од светски рамки за ран скрининг на компликации од дијабетична ретинопатија. Воедно, Министерството за здравство е целосно посветено на обезбедување најквалитетен третман за сите пациенти со дијабетес мелитус и други ендокинолошки заболувања. Паралелно со тоа ги унапредуваме условите за третман на пациентите во јавното здравство, и во оваа насока веќе се унапредени условите на повеќе од 15 клиники, изјави министерот Филипче, соопшти Министерството за здравство.
Во однос на доопремувањето со нова медицинска опрема, набавен е и нов најсовремен ехотомографски апарат за преглед на тироидна жлезда и обновен e офталмолошкиот кабинет, кој е збогатен со нови софистицирани апарати за навремена дијагностика и лекување на офталмолошките компликации на дијабетесот.
– Со сите преземени активности и соработката со Министерството за здравство, значително ќе се унапреди дијагностиката и лекувањето на најтешките ендокринолошки болни, ќе се намали времето на чекање и ќе се подобри квалитетот на здравствените услуги кои ги пружа Клиниката за ендокринологија, информираше директорката на Универзитетската клиника за ендокринологија, доц. д-р Саша Јовановска Мишевска.
Министерството за здравство најавува дека ќе продолжи со активностите за подигнување на јавната свест за потребите на пациентите со дијабетес и други ендокринолошки заболувања, преку натамошно осовременување на медицинската опрема и третманот и со обезбедување најсовремена терапија за овие пациенти, во соработка со Клиниката за ендокринологија, со цел значително унапредување на условите за дијагностицирање и третман.