Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими европратениците Андреас Шидер, Илхан Кјучук и Марион Валсман, копретседавачи со „Жан Моне“ дијалогот, којшто денеска и утре ќе се одржи во Собранието на Република С. Македонија. На средбата присуствуваше и шефот на делегацијата на Европската Унија во Република С. Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар.
Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, на средбата истакнал дека нашата држава високо ја цени постојаната принципиелна поддршка од Европскиот парламент и посветеноста во однос на процесот на проширување.
Претседателот Пендаровски го истакнал придонесот на европратеникот Кјучук, како постојан известител за С. Македонија и на европратениците Шидер и Валсман, кои ја предводат Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија, во функција на напредокот на државата во евроинтегративниот процес.
На средбата биле разменети мислења и информации за политичката состојба во државата, за тековниот реформски процес во контекст на интеграцијата во Европската Унија, како и за актуелните политички состојби во Унијата.
На средбата заеднички била констатирана важноста од позитивен исход на разговорите во рамките на „Жан Моне” дијалогот, помеѓу лидерите на парламентарните партии во државата.
Претседателот Пендаровски пред европратениците истакнал дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на Република С. Македонија и го повтори очекувањето дека новата методологија за водење на пристапните преговори ќе биде усвоена на состанокот на Европскиот совет во март 2020 година. Истовремено, претседателот Пендаровски посочил дека се надева дека за време на хрватското претседателство ќе биде одреден датум за почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ.