Спасовски: Останатите 12 осомничени за насилството во Парламентот најверојатно се во Македонија

Дванаесетмината од 36-те осомничени за настаните во Собранието на 27 април оваа година најверојатно се во земјава и полицијата трага по нив, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Издадени се наредби за приведување на 36, а по 12 лица се уште се трага, тие најверојатно се во Република Македонија, истакна Спасовски по потпишувањето Меморандум за разбирање меѓу МВР и мисијата на ОБСЕ околу контролата на лесното оружје и муниција

Во врска со тоа дали ќе се распише потерница по нив, Спасовски рече дека тоа е обврска на обвинителството и на судот.

Спасовски не сакаше да ги каже имињата на 12-мината по кои се трага, ниту дали меѓу нив има пратеници, организатори на настаните од 27 април, напоменувајќи дека тие податоци не се споделуваат во јавноста во моментов.

За оние кои се притвор, а се вработени во МВР, рече дека има законски норми, кои укажуваат како треба да се постапува во вакви случаи.

– Сите оние кои се вработени во МВР, ако им се одреди мерка притвор, по известувањето нивниот работен однос се става во мирување. За оние за кои досега не се води дисциплинска постапка се отвора можност за поведување на таква постапка, појасни Спасовски.

Во врска со тоа дали МВР учествуваше во креирањето на делото, со оглед на тоа дека се работи за тешко кривично дело тероризам, Спасовски истакна дека улогата на МВР е пропишана во Законот за кривична постапка. Додаде дека кривичните пријави, класификацијата на делата ги работи Основното јавно обвинителство за организиран криминал.

На прашањето дали постојат шанси тие да избегаат и дали некој од нив има фасификуван пасош министерот рече МВР работи на обезбедувањето овие лица да не избегаат и да бидат изведени пред суд.

Во врска со можноста да се зголеми бројот на лицата осомничени за настаните од 27 април, нагласи оти за тоа одлучува обвинителството.

На прашањето дали има сознанија дека некои од тие 12 лица има двојно државјанство Спасовски одговори: „Имаме сознанија, тие сознанија во моментов не се за медиумите и јавноста“.