Шефот на дипломатијата Никола Димитров во рамките на дводневната работна посета на Берлин денеска ќе учествува на Втората средба од висок ранг на германско-француската иницијатива за сеопфатна контрола на мало и лесно оружје во земјите од Западен Балкан со која ќе претседаваат министрите за надворешни работи на Германија и на Франција, Хајко Мас и Жан-Ив Ле Дријан.
Како што е најавено од МНР, на маргините на конференцијата се предвидени и средби на Димитров со негови колеги и други високи учесници на настанот, како комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, а тој ќе присуствува и на работен ручек, организиран од германскиот министер за надворешни работи Мас.
Димитров вчера во рамките на првиот ден од работната посета на Берлин, на средба со државниот министер при Сојузното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија, надлежен за Европа, Михаел Рот, побара да се зграби првата следна шанса за донесување на долгоочекуваната и заслужена одлука за почнување на пристапните преговори на нашата земја со ЕУ.
– Во неколку наврати изминатава година и половина бевме исклучително блиску до постигнување успех и валоризација на заедничките напори за отворање ЕУ-преговори со С. Македонија. Доколку сакаме да се даде натамошно охрабрување на реформските процеси и да не дојде до поткопување на значајните достигнувања што земјата ги постигна, како и да се зачуваат кредибилитетот и влијанието на ЕУ во регионот, неопходно е да се зграби првата следна шанса за донесување на долгоочекуваната и заслужена одлука, нагласил министерот Димитров.
На средбата, соопштија од МНР, бил направен рекапитулар на актуелните состојби во С. Македонија, регионот на Западен Балкан, како и на ниво на ЕУ во однос на дискусиите со новата методологија за пристапни преговори и изградбата на консензус меѓу земјите членки за одлука за почеток на преговорите.
Министерот Рот посочил дека ја споделуваат разочараноста поради неможноста С. Македонија да го направи заслужениот чекор напред.
– Ќе ги продолжиме заедничките напори за постигнување на оваа цел во одлучувачкиот период пред нас. Паралелно, фокусот да се задржи на ЕУ-реформите дома, рекол Рот.
Шефот на дипломатијата Димитров остварил средба и со Јан Хекер, советник за надворешна политика на канцеларката Ангела Меркел, на која била истакната недвосмислената поддршка на кабинетот на канцеларката за отворање на пристапните преговори со С. Македонија.
Посетата се случува во период на засилен ангажман во пресрет на дискусиите на ниво на ЕУ за ажурираната методологија на Европската комисија за водење на пристапните преговори, како и одлуката за С. Македонија за отворање на преговорите, наведува МНР.