Шеснаесетгодишната Мартина Шахинова, членка на карате клубот „Партизан“ е избрана за спортист на Кочани за 2019 година.
На изборот што го организираше локалната самоуправа на Кочани, а во соработка со активот на новинарите од општината, Шахинова доби максимален број гласови и заслужено ќе го понесе овогодишното признание.
-Каратистите од Кочани и минатата година имаа најмногу успеси и одлични резултати во спортските случувања во општината и пошироко, така што логичен е изборот на Шахинова за најдобра. Иако сè уште млада, во спортската карирера таа има забележливи постигнувања, меѓу кои се минатогодишните осум први места на државни натпревари и на меѓународни турнири. Исто така, Карате федерацијата на Македонија ја прогласи за втора најуспешна јуниорка во државата за 2019 година, истакна Голубина Георгиева од одделението за јавни дејности на Општина Кочани.
За најдобар млад спортист – спортска надеж е избран каратистот Филип Стојанов, клупски колега на Шахинова. Нивниот карате клуб „Партизан“ го понесе признанието за најдобра спортска екипа во општината, додека каратистот Оливер Коцев е избран за најдобар тренер.
Иако во категоријата најдобар спортски работник немаше ниту една пријава, по предлог на активот на новинарите признанието му припадна на Драганчо Димитровски, претседател на Судискиот актив при Општинскиот фудбалски сојуз од Кочани.
Доделувањето на наградите и признанијата за најуспешните во спортот во Кочани за минатата година ќе се одржи на 5 февруари.