Макрадули: Се анализираат примероци од камионите запрени на „Богородица“, отпадот останува на царински терминал

Ќе се анализираат примероците од камионите запрени на граничниот премин „Богородица“. Ништо нема да се препушти на случајот додека не биде безбедно, изјави заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, при денешниот престој во Прилеп, запрашан за ситуацијата со камионите на граничниот премин.

Макрадули појасни дека додека се анализира отпадот, тој може да стои на царинскиот терминал во Гевгелија или на друг царински терминал, каде нема да се користи додека не стигне анализата.

– Тие се огромни камиони, не може некаде туку-така да се скријат. Запрени се четири камиони на граничниот премин „Богородица“, ќе се соберат 11, тие што се контролираат, а од два камиона се семени мостри по случаен избор за анализа. Камионите нема да се пропуштаат додека не стигнат анализите. И пред два-три месеца кога имаше контроли, не беа најдени неправилности. Но, во интерес на смирување и во општ инетерес на здравјето на граѓаните, ние сакаме да покажеме сигурност и капацитет на функционирањето на институциите, рече Макрадули.

Макрадули е каатегоричен дека во држава не се депонира отпад со закон забранет.

– Во државава не се депонира странски отпад кој со закон е забранет. За тоа Министерството не може и не издава дозвола. Единствено може да се увезе отпад за да се обработи, да се рециклира и да му се даде додадена вредност. Како што вчера нагласивме, 15-ина тони опасен отпад од просторот на „Охис“ веќе се наоѓа во Швајцарија каде ќе може да биде обработен. Во нашата држава повеќе се извезувува, отколку што се увезува отпад. Има процедури со кои секој отпад кој се увезува се контролира. Процедурата потпаѓа под таа Базелска конвенција каде сме потписници. Компанијата од државата од која извезува аплицира во нивното Министерство за животна средина и аплицира во сите министерства на државите во кои треба да помине, а компанијата која увезува аплицира во нашето Министерство, објаснува Макрадули.

Во врска со за утре најавениот протест на повеќе невладини организации кои бараат комплетно да се стопира увозот на отпад во земјава, па и оној за согорување, Макрадули смета дека вистинското решение не е со забрана, туку со регулирање и мониторинг.

– Работитите не може да ги решите само со забрана, туку со мониторирање, регулирање. Токму на овој начин се гради довербата на институциите спрема граѓаните, со законско регулирање и мониторирање, со користење на најдобри практики и технологии. Само на тој начин може да се развива нашата држава, вели Макрадули.