Спасовски – Пина: Сојузништвото во НАТО и почнувањето преговори со ЕУ силна мотивација за продлабочување на односите меѓу двете земји

Претседателот на Владата на Република С. Македонија Оливер Спасовски денеска ја прими амбасадорката на Португалската Република во нашата земја Марија Виржинија Мендес да Силва Пина.

-Премерот Спасовски на средбата го нагласи интересот на нашата земја за продлабочување на целокупните односи меѓу двете земји како неопходност имајќи го предвид фактот што наскоро С. Македонија станува полноправна членка на НАТО, со што двете земји стануваат сојузници, и ја очекува одлуката за започнување на преговори со ЕУ со што ќе се отворат можности за поблиска соработка меѓу двете земји, соопшти владината прес-служба.

На средбата било истакнато дека двете држави имаат интерес да ја подобрат билатералната рамка на соработка, во однос на потпишување билатерални договори за одбегнување на двојно оданочување, за реципрочна промоција и заштита на инвестиции, како и за размена и взаемна заштита на класифицирани информации.

– Овие, како и сите останати билатерални договори меѓу С. Македонија и Португалија, ќе отворат простор за поширока и подлабока соработка, особено во делот на економијата и бизнисот каде што се препознаваат сериозни потенцијали, стои во соопштението.

Премиерот Спасовски ја повторил поканата до португалскиот премиер Антонио Коста да ја посети нашата земја во знак на искреното политичко пријателство и во насока на поттикнување на соработката.