Османи-Ацевски: Нема поважен бенчмарк за европските интеграции од фер изборен процес

Државниот завод за ревизија е една од најважните институции во поглед на контролирање на изборниот процес, институција со која навистина се гордееме не само тука, туку и пред ЕУ и пред земјите членки во смисла на веќе создадени капацитети и начин на работење. Фокусот на состанокот беше изборите и улогата на ДЗР во контролирање на политичките партии но и во контролирање на другите чинители во самите избори.

Ова го истакна вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по средбата со главниот државен ревизор Максим Ацевски во Државниот завод за ревизија.

Османи истакна дека ДЗР ги има сите капацитети и технички и кадровски за да може да се справи соодветно со ова барање, односно оваа потреба да се контролира изборниот процес. Рече дека разговарале и за ИПА проектите кои оваа институција ги користи и може во иднина да ги користи за да ги подобри своите капацитети, но и во целост и за самите преговори и Поглавјето 32 финансиска контрола каде ДЗР има важно значење.

– Тоа е особено важно сега, имајќи предвид дека сега со новата методологија се здружуваат поглавјата од сличен карактер, а финансиската контрола и улогата на ДЗР влегува во првиот кластер, односно во првото поглавје и многу е важно да бидат спремни за почеток на преговорите и за улогата што ДЗР ќе ја има во тој процес. Важно е дека ДЗР е спремен за контролирање на изборниот процес, а изборниот процес особено во овој период е многу важен заради тоа што се случува во моменти кога ЕУ очекуваме да ја донесе одлуката за започнување на преговори. Самитот се случува на 26-ти март, тоа ќе биде четврти ден од кампањата што значи дека тоа што ќе се случи во предизборниот период, но во самата изборна кампања ќе се одрази на впечатокот што како држава ќе го создадеме пред земјите членки на денот кога ќе се донесе одлуката, истакна Османи.

Османи рече дека главниот ревизор Ацевски и неговиот тим, изразиле силна подготвеност и уверување дека од аспект на нивните надлежности, во целост се подготвени да одговорат на задачата во создавањето еднакви услови за политички натпревар на претстојните избори.

Главниот државен ревизор Максим Ацевски рече дека со Османи имале корисна средба и разговарале за состојбите во она што значи надлежности на ДЗР во делот на мониторинг на изборниот процес.

– Разговаравме за состојбите во она што значи надлежности на ДЗР во делот на мониторинг на изборниот процес, разговаравме за она што значи капацитети на ДЗР и она што значи потребата од одредени усогласувања на Изборниот законик во насока на обезбедување соодветно контролно опкружување, кое контролно окружување значи обезбедување подеднакви услови за сите чинители во изборниот процес, рече Ацевски.

Рече дека од големо значење ќе биде поддршката за ДЗР од самата Влада и од сите чинители на општеството за спроведување на своите надлежности и задачи содржани во Законот за државна ревизија и во Изборниот законик.

Посетата на Државниот завод за ревизија е дел од серијата посети на Османи на институциите кои имаат соодветни законски надлежности во спроведувањето на изборниот процес, на која и претходеа посетите на Државната изборна комисија, на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги и на Државната комисија за спречување на корупцијата, со цел поддршка за нивната работа и утврдување на институционалната подготвеност на државата за одржување фер, слободни и компетитивни избори, како еден од клучните критериуми за напредок во европските интеграции.