Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на Република Словачка во Република С. Македонија, Хенрик Маркуш.
На средбата беше разговарано на повеќе актуелни теми, како процесот на интеграција на С. Македонија во ЕУ, извесното членство во НАТО, спроведувањето на реформите, актуелната политичка ситуација во земјата и работата на техничката Влада која е задолжена за организирање на предвремените избори во април.
– Нашата држава има одлична соработка со Република Словачка и таа ќе продолжи и во иднина. Особено ни е драго за огромната поддршка која ни ја дава во насока на интегративниот процес на земјава во Европската унија. – истакна претседателот Заев на средбата со словачкиот амбасадор Маркуш.
Тој посочи дека очекувањата и позитивниот сигнал кој пристига од европските земји членки , вклучително и од Франција, односно од претседателот Макрон се дека земјава нема пречки да биде дел од ЕУ , но се чека на подготовка на новата методологија која ќе значи подобрување на самиот процес на пристап на земјите во неа. А веќе во месец Март очекуваме да заврши и процесот на ратификација на членството во НАТО сојузот и од страна на Шпанија. Република С. Македонија седнува на столчето во НАТО сојузот како 30 земја членка.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев посочи и дека за нас како држава е добро да дадеме дополнителни аргументи пред ЕУ преку усвојување на Законот за јавно обвинителство. Многу е значајно, Законот да влезе во Собранието и да биде усвоен. Затоа што Законот за јавно обвинителство е важен за правосудството, за државата и за граѓаните.- порача претседателот Заев.