Ангеловска ја потпиша Мултилатералната конвенција на ОЕЦД за спречување даночна евазија

Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска ја потпиша Мултилатералната конвенција за мерки за спречување ерозија на даночната основа и преместување на профитот, во рамки на 8-миот состанок на БЕПС (Рамка за мерки против даночна евазија на ОЕЦД), што се одржува во Париз.

Со потпишување, како што соопштуваат од Министерството за финансии, на овој мултилатерален договор ќе се зајакнат постојните договори за избегнување двојно оданочување, во насока на борбата против даночната евазија.

-Пристапувањето кон оваа мултилатерална конвенција ќе и помогне на нашата земја да се бори против злоупотребата на билатерланите договори и ќе ги зајакне постојните договори против избегнување данок и против вештачко префрлање на профитот на локации со пониски даноци, или каде нема да се плати данок. Досега имаме потпишано билатерални договори за избегнување двојно оданочување со 49 земји. Билатералните договори се потпишувани низ годините и голем дел од нив се по застарени стандарди. Потпишувањето на конвенцијата ќе ни овозможи обновување на сите договори одеднаш и додавање на дополнителна заштита против двојно неоданочување и штетните даночни практики,рече Ангеловска.

Република С. Македонија е 94-та земја која ја потпишува оваа конвенција.

Главната тема за дискусија на 8-миот БЕПС состанок се даночните предизвици што  произлегуваат од дигитализацијата. На состанокот присуствуваат 350 делегати од 122 земји кои дискутираат за предизвиците, со цел да најдат консензус и да утврдат чекори кон потенцијални решенија, од кои некои можат да направат промени во меѓународните даночни норми, кои исто така се од голема важност за земјите во развој.

– Дигиталната ера во која живееме, бара нови решенија за справување со новите предизвици. Алокацијата на даночните права и оданочив профит повеќе не може да се препише само според физичката локација. Глобализацијата и дигитализацијата овозможуваат компаниите да продаваат и водат бизнис во земји без да инвестираат во локална инфраструктура и оперативни активности. Фактот што интеракциите со клиентите може да се водат од различни локации овозможува бизнисите да имаат активно присуство во земјите без какво било физичко присуство. Автоматизираните  дигитални услуги отвараат нови предизвици и дискусии за нивно дефинирање. Потребни се транспарентни интернационални даночни правила. Од исклучителна важност е да фатиме чекор и да бидеме во тек со можностите, но и предизвиците кои ги отвара дигиталната економија особено за малите земји во развој како нас, посочи министерката за финансии.

Во август 2018 година Република С. Македонија стана 117-та земја членка на БЕПС Инклузивната рамка. Во оваа Рамка, рамноправно со останатите земји учествуваме во преземање мерки за спречување одбегнување на плаќање на данок, односно мерки за зачувување на сопствената даночна основа. БЕПС пакетот е составен од 15 мерки во рамки на кои се утврдени активности кои ќе им помогнат на земјите во справувањето со можностите за одбегнување на плаќањето на данок. Република С. Македонија активно учествува во имплементирањето на овој пакет на мерки.