Рибниот фонд во Охридското Езеро во голем дел е на удар на рибокрадци, кои на секаков начн се обидуваат да заработат благодарение на високата цена на ендемичниот вид охридска пастрмка.
Последниот случај на рибокрадство е регистриран пред два дена, од страна на жител на село Пештани.
Понеделникот вечерта во 19:45 часот било сопрено возило марка „Рено“, од кое при запирањето излегле две лица, кои веднаш почнале да бегаат и притоа исфрлиле вреќа со две риболовни мрежи и 20 парчиња охридска пастрмка.
Полицијата утврдила дека со возилото управувал 56-годишниот И.Л. од Пештани. Риболовните мрежи и уловената пастрмка, се предадени во Хидробиолошкиот завод. СВР Охрид работи на целосно расветлување на настанот по што ќе поднесе соодветна пријава.
Моментално Охридското Езеро практично е без стопан откако Владата го раскина договорот за концесија со фирмата „Летница-Белвица“ поради утврдени нерегуларности во работењето, односно непродржување кон одредбите од договорот, меѓу кои и ставката физичка заштита на рибниот фонд во езерото.
Јавна тајна во Охрид е дека индивидуално, но и групи лица организирано вршат криволов во езерото, од кои мал број случаи рибокрадство имаат судски епилог со соодветни казнени марки.
Рибарите дури обвинуват дека криминал има и во процесот на порибувањето на езерото со охридска пастрмка, дека дел од подмладокот одгледан во институциите и платен со државни средства завршува во приватни рибници.