Неприфатливо е во денешна Европа на човековите права, десетици новинари да се физички напаѓани, самоволно затворени, па дури и убиени, а одговорните за овие злосторства најчесто поминуваат неказнети. Заканите, вознемирувањето, законските и административните ограничувања и непотребните политички и економски притисоци врз новинарите се вообичаени, се вели во извештајот на ПССЕ посветен на Заканите за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Европа, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Известувачот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, британецот Џорџ Фулкес, смета дека сите земји-членки на Советот на Европа мора ефикасно да ја гарантираат безбедноста на новинарите, да создадат средина погодна за слободата на медиумите и да спречат злоупотреба на законите или нормативните одредби што можат да влијаат на таа слобода, без која не постои и нема демократија. Правото на новинарите да ги заштитат своите извори мора да биде загарантирано, полициското насилство врз новинарите мора да биде осудено и санкциите против слободата на медиумите мора да бидат обесхрабрени.
Во извештајот на ПССЕ ретки се земјите кои се поштедени од критиките и во кои не е забележано насилство или притисок врз новинарите.
Во однос на медиумското опкружување како целина, ПССЕ го спомна случајот со С. Македонија: дури и ако работата на новинарите останува прилично тешка и несигурна, оваа земја-членка се издвојува од 2018 година од другите земји од поранешна Југославија преку намален притисок и гонење на новинарите, се вели во извештајот на Фулкес.
Тоа е преточено и во предложената резолуција ПССЕ во која се поздравува досега конструктивниот став на голем број на земји-членки кон Платформата на СЕ за новинарите. На пример, Франција и Украина воспоставија механизми за да координираат соодветен одговор на предупредувањата и да најдат решенија. Во Холандија, обвинителството, полицијата и печатот склучија договор за усвојување на превентивни мерки и да ги координираат одговорите на акти на насилство.
– Исто така, треба да го поздравиме охрабрувачкиот напредок постигнат во С.Македонија, каде притисокот и гонењето на новинарите значително се намалија, стои во докумeнтот.
За ситуацијата во С. Македонија во извештајот на ПССЕ се нагласува дека на 18 февруари 2017 година, двајца новинари на порталот А1он, Александар Тодевски и снимателот Владимир Зелчевски, беа претепани во Скопје додека покриваа демонстрации пред парламентот. Новинарот на НоваТВ, Борјан Јовановски, бил навреден и плукан во лицето. На 27 април 2017 година, за време на националистичка демонстрација во Скопје беа нападнати Димитар Тануров, новинар на интернет-новинската агенција Мета и Никола Ордевски, снимател на новинската агенција „Макфакс“. Вкупно на 21 новинар им биле упатени закани или им било попречено известувањето на местото на настанот. Има случаи и на закани и вознемирување на Твитер, Фејсбук, итн.
Известувачот нагласува дека „поранешниот лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ги опиша своите противници како предавници, покрај серијата напади врз медиумите во февруари 2017 година. Двајца новинари беа претепани на 28 февруари 2017 година во Скопје и никој не беше гонет“, се наведува во извештајот.
Платформата на Советот на Европа за зајакнување на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите предупредување е основна алатка за соработка која помага да се анализира состојбата во земјите членки и да се идентификуваат позитивните и негативните трендови. Земјите-членки мораат брзо и ефикасно да одговорат на сигналите издадени од Платформата и да соработуваат со добра волја со истата.