Меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата кој колку направил или не направил за намалување на загадувањето

Со меѓусебни обвинувања кој колку направил или не направил, кој искрено работи, а кој само настапува со декларативни заложби почна денешната собраниска расправа по Информацијата за енормното загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија, поднесена од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Владата на СДСМ во трите години мандат не направила ништо на полето на борбата против загадувањето, иако, како што рече кога биле во опозиција најавувале многу мерки, како што се проширување на топлификациската мрежа, гасификација, електрични автобуси, трамвај …

Спротивно на најавите, рече Данев, не е донесена ниту една вистинска мерка за намалување на загадувањето, многу малку средства се издвојуваат за таа намена, што, како што рече, е резултат на институционална неспособност и волја да се направи нешто.

-Затоа ги намаливте давачките за увоз на петрол кокс и дозволивте употреба во индустриски објекти, кој се гори не само во Макстил и во Цементарница, туку и во фабрики за производство на тули, рече Данев додавајќи дека тоа е една од причините за загадувањето во Струмица.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули истакна дека Владата првпат во изминатите години има план за справување со загадувањето. Во тој план, додаде Макрадули, има мерки кои се спроведуваат првпат во земјава, како и заклучоци што заедно ги донеле сите парламентарни партии.

-Првпат има план за справување со аерозагадување, првпат тој е дел од Буџет и првпат е стратешки приоритет на Владата, рече макрадули.

Тој истакна дека бројките покажуваат намалување на загадување и најмал број загадени денови, на што реагираат пратениците од опозицијата со забелешка дека не може да им верува или не на бројките од инструментите кои го мерат загадувањето во зависност од тоа дали им одговара или не.

-Во Република Северна Македонија е загадено, но има драстичен пад на намалувањето на загадувањето. Овој план кој  првпат се справува со извори на загадување и тоа е клучно, да има што помалку извори кои емитираат ПМ честички во воздухот. Тој план кој првпат се бори со изворите не е само еколошки, туку носи и економски бенефит, рече Макрадули.

Тој вели дека поради тоа што овој план дава резултати, опозицијата треба да се придружи за заедно да се работи на неговото исполнување.

Ќе ви се придружиме, додаде Данев, тогаш кога ќе се извините дека кога бевте во опозиција манипулиравте со граѓаните и го посочувавте ВМРО-ДПМНЕ како главен виновник за загадувањето.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски реплицирајќи му на Макрадули рече дека бил добар пратеник кога бил во опозиција, но и оти како власт останал во опозиција. Ништо не направивте, рече Димовски, а имавте три години да направите нешто конкретно.

Побара како Министерство да го достават до пратениците списокот на увозници на петрол кокс, за да се види кои се компаниите кои го користат и чии бизнис интереси се штитат.

Во претпладневниот дел од седницата на Макрадули му реплицираа повеќе пратеници од опозицијата. Обвинија дека власта не работи на решавање на овој проблем, оти манипулирала додека била во опозиција, а сега од мерки, како што посочија, само побарала „граѓаните да не отвораат прозорци и да користат јавен превоз“. Повеќе пари давате за лубриканти и коцкарски апарати, посочија пратениците од опозицијата, отколку за заштита на животната средина и намаување на загадувањето.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *