Македонската асоцијација за рударство (МАР) при Стопанската комора на Македонија бара да се повлече од собраниска процедура Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини што се носи по скратена постапка и на носењето да му претходи јавна расправа на која сите засегнати страни ќе ги претстават своите аргументи.
Сметаат дека ова законско решение не може да се носи по скратена постапка и оти евентуалните измени на законот би требало да бидат само во делот на усогласување со Законот за прекршоци. Велат дека воопшто не биле консултирани при носењето на измените и додаваат дека државата нема став и стратегија дали и требаат рудници или не и што ќе значи нивното затоврање за економијата.
Како што рече претседателот на МАР Николајчо Николов на денешната прес-конференција, не се согласуваат со делот на Предлог законот со кој се дава можност еднострано да се раскине концесијата со концесионерот доколку жителите во населеното место што е блиску до концесијата побараат нејзино раскинување поради загрозенато здравје и безбедност. Бараат прво да се одредат критериуми што точно значи поимот нарушување на животната средина и загадување за да може еднострано да се раскине договорот во спротивно сметаат дека законот ќе стане неприменлив.
-И во постојното законско решение има можност за раскин на концесијата доколку не се спроведуваат договорените обврски. Неисполнувањето на обврските од А и Б интегрираната еколошка дозвола може да биде причина за раскин на концесијата, но не и мислење кое може да биде субјективно од различни причини. На инсекциските органи не им се нужни измени на Законот за да одземат концесија. Тоа може да го направат и врз база на постојниот Закон само треба да има нарушување на договорните обврски, рече Николов и додаде дека треба само да се зајакнат капацитетите на инспекциските органи.
Тој посочи дека е различна постапката за добивање концесија за рудници за обоени метали и за каменоломи.
-Лично мислам дека не треба да има рудници каде населението не сака. Не може по секоја цена да се отвораат рудници, но откако ќе се добијат сите документи не може заради нечив интерес да се раскинува концесијата. Не сме против да се раскинуваат договорите, но не на ваков начин. Законот мора да даде можност да се решава само врз пишани документи во кои точно ќе биде наведено што значи нарушување на животната средина и какви параметри треба да има за да се смета дека се врши загадување. Затоа не треба во ист кош да се ставаат сите концесии, потенцира Николов.
Порача дека во околината на Бучим има многу почиста животна средина отколку во Скопје и додаде дека никогаш не е поголема концентрацијата на ПМ 10 честички од 30 микрограми на кубен метар.
За концесиите за експлоатација на песок од речните корита и до речните корита рече дека се злоупотребуваат и оти треба да се стави ред, бидејќи, како што кажа, концесионерите не експлоатираат тоа што им е дадено, туку тоа што им треба. Според него, тоа многу лесно може да се утврди од страна на инспекциските органи и да биде причина за да им се одземе концесијата.
Во одговор на прашање за одземањето на концесијата на рудникот Казандол рече дека најверојатно се прави заради неисполнување на договорните обврски и временски рокови и додаде дека постапката за отворање на рудникот беше по најсовремени еколошки стандарди.
Во земјава има рудници што вработуваат по 13.000 лица, а годишно се извезуваат обоени метали во вредност од 300 милиони американски долари.