Претседателот Пендаровски им го честита Свети Сава на припадниците на српската заедница

 Претседателот Стево Пендаровски денеска упати честитка по повод празникот Свети Сава до припадниците на српската заедница во Република С. Македонија.

-Дозволете да ви го честитат Националниот ден на Србите во Република Македонија и да ви посакам празникот да го поминете во мир, радост, среќа и благосостојба, нагласува Пендаровски во четитката.

Тој нагласи дека со својата духовна и просветителска дејност, Свети Сава остави трајно наследство меѓу својот српски народ, но се здоби со почит и слава меѓу сите христијани на Балканскиот Полуостров. Неговото житие, додава претседателот, е пример за верба, посветеност и истрајност од кој генерации и генерации негови следбеници наоѓаат инспирација за исполнет и достоинствен живот. 

-Вие, припадниците на српската заедница, со своите традиции и обичаи, историја и култура сте неотуѓив сегмент од севкупното културно и општествено живеење во нашата земја. Ја користам оваа честитка да ви се заблагодарам за сиот придонес во градењето на меѓусебно разбирање и соживот како влог во изградбата на модерна и просперитетна Република С. Македонија. Да продолжиме максимално да работиме на развојот на нашата заедничка татковина и благосостојбата на сите нејзини граѓани, додава Пендаровски во својата честитка.