Добро е да имаме потврда од Мишел дека паралелно ќе се одлучува и за преговори и за новата методологија, вели Заев

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој потврди дека утре наутро ќе се сретне со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, рече дека од средбата очекува да добие детали за новата методологија, за деталите како и за односот на земјите членки кон самата методологија.

– Верувам дека ќе може да ни даде информација повеќе во однос на тоа кога се планира усвојувањето на самата методологија, за односот на земјите членки кон самата метолодогија. Мене ми е значајно да имам потврда од претседателот на Европскиот совет дека за одлуката за проширувањето и добивањето на датумот за Република С. Македонија ќе се одлучува паралелно, без разлика дали методологијата ќе биде готова или не, ние имаме право на паралелна одлука и очекуваме датум за почеток на преговори, рече Заев.

Потсети дека и на Советот на ЕУ во октомври беше кажано дека на тоа прашање ќе се навратат во мај на Самитот на ЕУ во Загреб, каде што е покената и нашата земја.

– Верувам во позитивни одлуки, би било добро тоа да се случи час поскоро за сите и ако еден од тие кој најмногу знаат тоа е претседателот на Европскиот сове Шарл Мишел со кој ќе имам чест и јас да се видам во сабота наутро, истакна Заев.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска  ќе престојува во работна посета на С. Македонија, каде ќе има средби со високи претставници на земјава, на кои се очекува да се разговара за новата методологија на преговарање, како и за текот на реформскиот процес.

Претседателот Стево Пендаровски ќе биде домаќин на првиот човек на Европскиот совет, кој во земјава ќе допатува од Тирана. Пендаровски и Мишел попладнево ќе имаат тет-а-тет средба, а потоа ќе одржат заедничка прес-конференција.

Претседателот на Европскиот совет, пред околу еден месец во интервју за неколку европски весници, оцени дека до мај, кога ќе биде одржан Самитот ЕУ-Балкан во Загреб, треба да биде јасно како ќе изгледа реформата на ЕУ и дали тоа би било формален услов за согласност за Унијата да ги почне преговорите со С. Македонија и Албанија.

Посетата на првиот човек на Европскиот совет, доаѓа десетина дена откако во Скопје допатува еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји, кој ја потврди европската перспектива за Западен Балкан и најави дека повторно ќе биде побаран почеток на преговори за С. Македонија, за што ќе одлучува Советот во март. Вархеји, исто така, потенцираше дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.