Премиерот Оливер Спасовски денеска се сретна со Драган Јаќимовиќ, новоименуваниот амбасадор на Босна и Херцеговина во нашата држава. Како што соопшти владината прес-служба, амбасадорот Јаќимовиќ му го честитал на премиерот Спасовски стапувањето на должноста и изразил очекување за скорешно остварување на евроинтеграциската стратешка цел на нашата држава, пат кон којшто е определена и Босна и Херцеговина.
На средбата бил пренесен интересот од граѓаните на Босна и Херцеговина и од тамошната економска заедница, за уште поголемо унапредување на воспоставената добра соработка помеѓу двете држави.
Двајцата соговорници заеднички констатирале дека постои значителен напредок во односите помеѓу двете земји изминатите две и пол години, во повеќе области од полза на граѓаните, како што е меѓусебното признавање на возачките дозволи, влегувањето во државите со лични карти, направените заложби во создавањето услови за подобра економска соработка.
Констатирано е дека двете земји немаат отворени билатерални прашања и дека тоа отвора широк простор за меѓусебна соработка.
-Определени сме да продолжиме да ги унапредуваме добрите пријателски и партнерски односи помеѓу нашите две држави, како и за добра соработка со сите соседи и во регионални рамки. Добро е што раководствата на државите во регионот се насочени повеќе од секогаш кон надминување на какви било отворени билатерални прашања и за гледање кон иднината. Пријателствата и зајакнувањето на економската соработка ќе овозможат во нашата заедничка голема цел, да ги мотивираме граѓаните на нашите држави и посебно младите луѓе, да останат да живеат и работат во своите родни земји. И Република С. Македонија ќе продолжи да придонесува во добрата регионална соработка и европските интеграции, нагласил Спасовски.
На состанокот станало збор и за можностите за поактивна соработката меѓу Република С. Македонија и Босна и Херцеговина во делот на поврзувањето на стопанските комори, во областа на земјоделството, за планираното воспоставување авиолинија што ќе ги олесни комуникациите меѓу двете земји и граѓаните, за поттикнувања на промоцијата и соработката во областа на туризмот и во сите други области од значење за квалитетот на живот на граѓаните .