Истражување: Лоши услови во студентските домови, недостатокот на простории за учење, спортски и културни активности

Просечната оцена за генералниот живот во студентските домови, на скала од еден до 5 е 2,93. Лошите услови за живот во студентските домови, недостатокот на средства и простории за учење и недостатокот на спортски  и културни активности се издвојуваат како главни полиња од интерес за студентите-станари. 

Ова го истакна Мартина Илиевска од тимот на истражувачите на денешната презентација на двете истражувања за студентскиот стандард „Како се трошат средствата на Државниот студентски дом – Скопје“ и „Перцепции за корупција на станарите во ДСД – Крпен студентски живот“, која се однесува на периодот од 2015 до 2018 година и од резултати од теренско анкетирање од 300 студенти – станари. 

Целта на овие две истражувања, изработени од страна на членови на Младински образовен форум (МОФ), е да се види и утврди во колкава мера буџетот на ДСД и неговото трошење на ги задоволува потребите на станарите во студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“, „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“.

Околу 90 отсто од станарите никогаш не биле консултирани, додека 19 отсто немаат време, а 18 отсто не се информирани како да се вклучат, не веруваат дека нешто можат да променат и 10 отсто веруваат дека во донесување на одлуки се вклучени само оние студенти кои се блиски до раководството на домовите. Дури 55 отсто од испитаниците изјавиле дека леглата се распределуваат по партиска припадност.

– Осумдесет и девет отсто од испитаните студенти-станари не знаат каде би можеле да пријавуваат корупција, 40 отсто забележале корупција, додека 53 отсто од испитаниците не би пријавиле корупција кај надлежните органи.  Животот во студентски дом го избираат токму поради ниската цена за домување, добивање на легло и оброци, истакна Илиевска.

Петар Барлаковски, истражувач и програмски координатор во МОФ посочи дека од склучени вкупно 193 договори за јавни набавки 67 договори се за обезбедување на храна, ако се земат предвид трошоците за овие 67 договори и бројот на станари во текот на 10 месеци, се доаѓа до просечна сума од 61 денар дневно која се издвојува за оброците на станарите.

– Ако набавената храна се спореди со вкупниот број на корисници на студентските мензи доаѓаме до заклучок дека на секој станар му следуваат еден килограм свинско и 472 грама говедско месо годишно, рече Барлаковски.

Од истражувачкиот тим за подобрување на квалитетот на животот на студентскиот стандард во домовите до надлежните органи упатија неколку препораки.

– Државниот студентски дом – Скопје во соработка со надлежните институции да направи темелна проценка на состојбата во секој од домовите во однос на условите за живот, Владата на Северна Македонија да обезбеди средства од државниот буџет за подобрување на условите: во студиската 2019/2020 година ДСД да обезбеди услови за фер и транспарентни избори на совет на станари во сите три дома и формирање на Совет на станарина ниво на ДСД, организирање на средби со органите кои ги штитат студентите од коруптивни дејствија (МВР, Државен просветен инспекторат), со цел информирање и зголемување на довербата кон нив, истакнаа тие на денешната презентација.