Општина Штип ќе биде инвеститор за изградбата на браната на река Отиња. Оваа одлука вечерва се носи на владината седница, која се одржува во Штип, објави техничкиот премиер Оливер Спасовски пред почетокот на седницата, на која присуствуваа министрите, нивните заеменици, како и градоначалниците на општините, кои гравитираат околу градот Штип.
-На седницата на Влада присуствуваат градоначалниците на Штип, Пробиштип, Радовиш, Конче, Свети Николе, Лозово, тука ќе бидат и на Карбинци и на Чешиново-Облешево. Со нив ќе разговараме за целиот овој регион, за визијата на Владата во делот на развојот. Знаете дека акцентот секогаш го ставаме на капиталните инвестиции, инвестициите во инфраструктурата и во делот на економијата, заради што многу е важно да имаме економски развој и подобар животен стандард за граѓаните, вели Спасовски.
Тој потенцираше дека министрите, нивните заменици и директори на претпријатија беа на терен во целиот регион, за да се направи увид како функционираат мерките, кои се донесени од страна на Владата. Смета дека мерките за стопанството веќе даваат ефект, а минималната плата е зголемена за 60 отсто преку социјалниот дијалог. Спасовски истакна дека инвестицијата од пет милиони евра во штипската Филтер станица, преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, значи долгорочно решавање на проблемот со водоснабдувањето за градот Штип, но и целосно ставање во функција на најсовремениот систем за водоснабдување Хидросистемот „Злетовица“.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски рече дека на заедно со министрите, нивните заменици и директорите ги посетиле институциите и стопанските капацитети, кои се двигатели и значајни за развојот на Штип.
-Една од точките за кои ќе разговараме на владината седница е информацијата за браната на река Отиња, односно дека Општина Штип ќе стане инвеститор за изградба на браната и тоа доаѓа во еден многу значен момент, кога седницата по првпат се одржува во Штип. Токму поради тоа ги увидовме сите состојби во општината и регионот, како се движи, како се развива Штип. Констатацијата е дека се движиме напред, рече Бочварски.
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски пред да почне седницата го посети и Мутимедијалниот центар „Киро Глигоров“, кој е изграден со европски пари.