Со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, во периодот пред Божик се подготвија и се испечатија три нови книги од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“. Тоа се книгите „Христов Лекар и исцелител од последните времиња – Свети Лука Војно-Јасенецки“, „Старец Ефрем Катунакиски“ и „Толкување на Божествената Литургија“.
Како што изјави за МИА, Никола Цилаков од Издавачката дејност „Св Ѓорѓи Полошки“ книгата за светиот Лука е прекрасно дело во кое се содржани житието на светителот, како и неговите пишани дела поуки и беседи кои се полезни за сите христијани. Оваа книга ја преведе свештеник Игор Пармачки.
Книгата „Старец Ефрем Катунакиски“ го содржи житието на овој прославен светогорски богоугодник, а токму од неговиот подвиг можеме многу да научиме, за духовниот живот, за молитвата, послушноста, за верноста кон преданието на Црквата. Ова издание е превод на Маја Цаневска.
Книгата „Толкување на Божествената Литургија“ е одлично помагало за да навлеземе и да ја проучиме смислата на Светата Литургија, да навлеземе во неа подлабоко и лично да ја доживееме. Ова најново издание од издавачката дејност при Повардарската епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“ е превод на свештеник Јани Мулев.
Книгите можат да се најдат во сите храмови на Повардарската епархија или да се порачаат директно од издаваштвото на Повардарската епархија.