Претседателот на СДСМ Зоран Заев заедно со секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ се сретна со амбасадорот на Франција во Република С. Македонија, Кристиан Тимоние.
На средбата беше разговарано на повеќе актуелни теми, како процесот на интеграција на С. Македонија во ЕУ, спроведувањето на реформите, но и актуелната политичка ситуација и работата на преодната Влада задолжена за организирање на предвремените парламентарни избори во април.
– Пораките што овие денови стигнаа од претставници на Европската унија покажуваат дека Европската комисија има план и тоа ни го враќа оптимизмот. Се надеваме дека новата методологија ќе биде изготвена наскоро и ќе понуди фер пристап како за нас, така и за ЕУ. Од друга страна за нас како држава е добро да дадеме дополнителни аргументи пред ЕУ преку усвојување на Законот за јавно обвинителство. Важно е да покажеме демократски капацитет и Законот да влезе во Собранието и да биде усвоен. Законот за јавно обвинителство е важен за правосудството и за државата, порача претседателот Заев.
Осврнувајќи се на темите поврзани со изборите, претседателот Заев истакна дека сега кога опозицијата има претставници во Владата, потребно е сите да преземат одговорност не само за организирање фер и демократски избори, туку и да настапуваат проективно со цел граѓаните што помасовно да го искористат своето избирачко право.
– Преодната влада покрај тоа што треба да организира фер, слободни и демократски избори, треба да ја продолжи реализацијата на политиките и мерките што носат придобивки за граѓаните, заклучи Заев.
Претседателот Заев исто така посочи дека СДСМ е подготвена за избори, дека финишира подготовката на изборната програма која СДСМ ја пишува заедно со целни групи, со стручна јавност, со синдикати и стопански комори.
Францускиот амбасадор Тимоние истакна уверување дека ЕУ ќе подготви нова методологија која ќе биде во интерес на земјите кандидатки за членство во Унијата и С. Македонија ќе продолжи со процесот на интеграција. Амбасадорот Тимоние го поздрави напредокот на С. Македонија додавајќи дека се уште има простор за напредок во реформите, а за тоа е потребно и носењето на Законот за јавно обвинителство, како и зајакнување на борбата против криминалот и високата корупција.