Втора среќа за делчевецот Васко Панчовски кој денес од водите на река Брегалница го извади чесниот крст по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.
На христијанската традиција и претходеше црковна богослужба, осветување и лицитација на иконите за скокање по крстот во водите на река Брегалница беа пријавени 30 тина кандидати. Најсреќниот меѓу нив беше Васко Панчовски на кој од седмиот обид ова му е втор пат да го фати крстот.
-Ова е седми обид да го фатам крстот. Еве денес имав среќа пак да бидам најсреќниот. Да сме здрави и живи, им го честитам празникот на сите граѓани и им посакувам среќа и здравје, рече Панчовски.
Од страна на општина Делчево, Панчовски доби награда во вредност од 10 илјади денари додека компанијата „Зегин“ му додели телевизор.
-Нека му е честито фаќањето на крстот на Васко. Му посакуваме долг живот и добро здравје, Воедно денешниот празник им го честитаме на сите православни христијани. Исто како и претходните години и оваа година како награда за среќниот фаќач на крстот од општината доделуваме парична награда во висина од 10 илјади денари, рече делчевскиот градоначалник Горан Трајковски.
Света икона, Панчовски доби и од црквата „Успение на Пресвета Богородица во Делчево. Чинот на фрлањето на крстот во водите на река Брегалница го проследија околу 5.000 граѓани на Делчево и околинатa.