На традиционалното скокање по крстот, во духот на големиот Христијански празник Богојавление Водици, во Дебар најсреќен беше Бранко Силјановски, ученик во втора година во дебарската гимназија.
– Пресреќен сум. Ова ми е вторпат како скокам во осветените води во овој базен, а ете денеска ми се насмевна среќата да го фаќам светиот крст. Посакувам многу здравје, среќа, радост за сите. Бог се јави, за многу годни да ни е овој голем празник, изјави Бранко.
За него, како и за другото момче, Давид Василевски, кое скокаше по светиот крст годинешниот кум Коста Аврамовски, иселеник од Австралија имаше обезбедено награди.
– Во Австралија живеам повеќе од три децении, но секогаш во срцето ги носам Македонија и Дебар, каде што сум роден и каде пораснав. Секоја година од пред Божик до Водици сум тука во Дебар. Посакувам здравје, среќа, благосостојба за сите Македонци каде и да се, изјави Аврамовски.
Тој кумството им го предаде на Љупче и Татјана Узуновски, дебрани кои живеат во Скопје.
Светиот крст во базенот, кој се наоѓа во дворот на црквата „Света Петка“ го фрли намесникот на дебарската парохија, Миле Ангеловски.
На богослужбата и фрлањето на осветениот крст присуствуваа и поголем број дебрани кои живеат во други градови во државава.
Инаку, и Црковниот одбор, за двете момчиња, кои скокаа по светиот крст, обезбеди дарови а со пари Бранко го даруваа и верниците.