За заминувањето на младите од државата не е пресуден само животниот стандард, туку и целосниот квалитет на живеење. Треба да создадеме услови да ги вратиме младите и доколку излезат од државата и тука да ги создаваат своите семејства, порача вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.
-Се обидуваме да ги подобриме условите за живот. Не само што растат платите, туку се подобруваат и условите за работа и демократските односи во државата. Тенденцијата на постојано инвестирање и создавање на услови за раст на луѓето и почитување на односите помеѓу институциите и односите меѓу луѓето и институциите ќе продложи. Сепак, глобално движење на населението се случува и не е проблем само на нашата држава, бидејќи секогаш постои предизвик кај младите лица да одат и да научат нешто плус, па потоа да се вратат во споствената држава. Ние само треба да создадеме услови младите да се вратат дома и тука да ги формираат своите семејства, посочи Царовска во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Таа нагласи дека многу од државите тоа веќе го покажале како систем и механизам на враќање назад по влезот во НАТО и Европската Унија.
-Не можете да спречите ни едно младо лице да има интенции или порив да види што се случува во западниот свет. Но, ако оваа држава создаде овде услови кои се потребни, а тоа е да создадеме квалитет на живеење, сигурна сум дека младите лица после тоа ќе останат тука, рече Царовска и додаде дека е против идеите за врзување на младите лица со договори да останат во државата доколку се вложени средства во нив и се обучени за некакви вештини.
Тоа, како што рече, е против уставно и значи ограничување на слободата на движење.
-Сметам дека секоја инвестиција во секој човек што ја прави државата, никогаш не може да биде на нејзина штета и на добробит. Токму затоа мерките за активно вработување дадоа зголемен број на вработувања зашто се адаптирани согласно потребите на младите лица и се креирани во соработка со бизнис секторот, рече Царовска.
За објавените огласи за вработување во јавните институции рече дека треба да се сме свесни дека секоја институција за да работи мора да има одреден број на вработени и додаде дека прво треба да се направи пресметка колкав бил бројот на вработени во 2019 година и колку се бара со огласите за вработување, бидејќи, како што рече, можат да течат огласи за продолжување на опрделени вработувања кои претходно биле поставени во друга форма.
За најавите од коморите за потреба од увоз на работна сила за дефицитарните работни места, вицепремиерката посочи дека треба прво да се направат анализи кои ќе покажат колкав потенцијал постои во државата за кои профили и со тоа да се излезе на пазарот на трудот.
-Сметам дека се уште во држават има човечки потенцијал кој не е искористен и не е ставен во функција. Првиот чекор е пасивните да ги направиме активни чинители во економијата, а понатаму е важно да се дискутира со сите засегнати страни за да се направи анализа дали има потреба да се донесе однадвор ако навистина посотои недостаток на одреден профил, потенцира Царовска.