Пендаровски: Соработката со опозицијата не е на посакуваното ниво, моја задача е да работам на подобрување на комуникацијата

Мојот впечаток од оваа позиција е дека техничката влада почна на многу лош начин да функционира. Техничката влада од првиот момент, не навлегувајќи чија е вината повеќе или помалку, не настапи како тим, оценува претседателот Стево Пендаровски во интервју за порталот МКД.мк. Во интервјуто тој вели дека актуелната политичка структура најмалку испорача или најмногу потфрли во сферата на правосудството, иако, како што вели, состојбата во нашето правосудство денес е неспоредливо подобра во смисла на политичко мешање и менаџирање случаи, во споредба со, како што вели, она што го имавме до 2016 година.

Го пренесува и ставот на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека законот за Јавно обвинителство не е поставен како формален услов на ЕУ, но „во некои европски градови поставуваат прашања од типот нели би било добро и тој закон да се донесе“. Што се однесува до односите со соседите, најзагрижен е од Декларацијата на бугарската Влада. – Таа декларација е со прилично негативна реторика и на неколку места, по мое убедување, директно го поткопува Договорот за добрососедство, вели Пендаровски.

За посетата на Вархеји, кој рече дека очекува одлуката за преговори да се донесе пред Самитот во Загреб, и оти има добиено сигнали од некои битни европски држави, кои досега искажуваа резерви за проширувањето во однос на овој круг, вели дека ние во овој момент можеме да се базираме на тоа што го кажува Вархеји.

– Илузија е некој да мисли дека ние можеме од Скопје да диктираме кога ќе биде донесена одлуката и каква ќе биде. Ние чекаме одлуката да ја донесат земјите членки и се знае меѓу нив кои ги диктираат тие процеси и трендови. Комесарот за проширување има контакт со тие неколку држави и вели почетни, повратни сигнали добив, позитивни се и, се разбира, понатаму треба да се испорача. За нас станува збор за Законот за Јавно обвинителство, рече Пендаровски во интервјуто за МКД.мк.

Во однос на реформите во правосудството и оти досега нема судска разрешница за големите корупциски случаи, вели дека состојбата во нашето правосудство денес е неспоредливо подобра во смисла на политичко мешање и менаџирање на сензитивни случаи и помалку сензитивни, во однос на она што го имавме до 2016 година.

– Што нема сега, а имаше порано и каде јас го гледам напредокот? Нема ниту еден индикатор дека луѓе политичари диктирале судски пресуди, како што имаше случаи по телефон од лустрација на судија до политички пресуди. Нема доказ дека некој нарачува по телефон судска пресуда, нема политички затвореници како што беше случајот на Љубе Бошковски, нема новинар во затвор што е штелуван да влезе во затвор од политички причини како Кежаровски. Тоа е неоспорно подобрување, далеку сме од 2011, 2012, 2015, но во исто време многу далеку сме од она што значи европски стандард, истакнува претседателот.

Во однос на тоа дека актуелната политичка структура најмалку испорача или најмногу потфрли во сферата на правосудството, Пендаровски оценува дека тоа е работа на подлабока анализа.

– Мене ми се чини дека инсталациите на претходниот режим беа толку длабоки, толку интензивно влезени во сите пори на дотогашниот правосуден систем што времето беше прекратко. Тоа е еден дел од образложението. Вториот дел, објективно владата на Заев 90 отсто од времето му се посвети на решавањето на проблемот со Грција и со Бугарија за да исчекориме од изолација и да фатиме чекор кон Европа. Не е оправдување, но не можам да видам трето, оценува претседателот.

Во однос на договорите со соседите, Пендаровски посочува дека во однос на Договорот од Преспа, кој и да победи на изборите, шансите за промена се еднакви на нула.

– Не дека не може да се промени, туку затоа што треба промена на Устав, што во принцип е тешко и нема да добиете согласност од претпоставениот албански партнер, не поради содржината на Преспанскиот договор и новото име, туку на тој начин практично ја блокирате земјата кон евроатлантските интеграции. А тоа е ултимативен интерес на секој од нас, рече Пендаровски.

За Договорот со Бугарија, вели дека објективно имаме една неповолна околност со Декларацијата што беше усвоена во бугарскиот Парламент и веројатно веднаш по отворањето на преговорите ќе се постави како нивна позиција и во Брисел и оти декларација, како што рече, е со прилично негативна реторика и на неколку места, според него, директно го поткопува Договорот.

На прашањето дали има рационално објаснување за она што се случи со негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарската академија на науките, вели дека рационално објаснување нема.

– Слушав објаснување дека беа во кампања за локални избори, дека им било битно, но јас мислам дека луѓе што водат сметка за иднината на својата држава и за градење на вистински искрени добрососедски односи по долги години практична изолација едни од други, мора да гледаат подалеку од изборите и од својот мандат. Она што непријатно ме изненади е неверојатното мнозинство со кое беше усвоена Декларацијата во Парламентот. Само четири пратеници беа против. Тоа ќе биде пречка ако бугарската страна, кога ќе почнат преговорите, инсистира на некои формулации од тој документ што се анахрони со времето во кое живееме и со документот што го потпишавме, рече Пендаровски.

На прашањето како ја оценува работата со опозицијата, Пендаровски вели дека комуникацијата со главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не е на ниво на кое тој би сакал да биде.

– Одбија присуство на првата седница на Советот за безбедност со тривијално образложение, имав два куси телефонски контакти уште тогаш со лидерот на најголемата опозициска партија, договарајќи можна идна средба, до која никогаш не дојде. Значи една средба имавме овде, на лидерската средба. Премалку се контактите, не го воспоставивме она што сакав да го воспоставиме, канал на константна комуникација меѓу нас. Небитно е дали се сакаме или не, ние сме овде, не со личните имиња и презимиња, не е тоа пиење кафе меѓу Христијан и Стево, туку се работи за кабинет на претседател и кабинет на партијата и јас мислам дека тоа може да донесе само придобивка. Комуникацијата, и покрај моите настојувања, не беше толку интензивна и честа и квалитетна. Моја задача е, бидејќи сум платен од парите на сите граѓани, да се обидувам и понатаму да направам што е можно подобра комуникација, кој и да е утре во таа улога на опозиција, истакнува Пендаровски во интервјуто за МКД.мк.