Дескоска: Измената на Законот за извршување е одраз на реалната потреба

Од една третина до една петтина од плата и пензија се ограничувањата за извршување за лицата приматели на просечна плата и пензија, предвидуваат измените од Закон за извршување кои вчера беа усвоени.

Министерката за правда Рената Дескоска на својот фејсбук-профил објави дека измената на Законот за извршување е одраз на реалната потреба за помош и поддршка на загрозените категории на лица кои се соочуваат со егзистенцијални проблеми, но и на социјално ранливите групи на лица, кои не по своја вина не се во можност да го намират своите долгови без да им се загрози егзистенцијата, не само лична, туку и на нивните семејства.

– Со измените целосно се изземаат од присилното извршување примањата на граѓани кои се корисници на гарантирана минимална помош од социјалната заштита, примањата на децата согласно Законот за заштита на децата, како и примањата за социјална сигурност на старите лица, согласно прописите за социјална сигурност на старите лица. Дополнително со измените се намалува износот на максималната вредност која може да биде задржана односно се менуваат. Дополнително, ограничувања на извршувањето и тоа од 1/3 на 1/5 од плата и пензијата за лицата приматели на просечна плата и пензија, надомест на трошоци за сместување на лице и надоместок за згрижување на згрижувачко семејство, како и за децата корисници на семејна пензија,  појаснува Дескоска.

Примената на законските одредби се однесува и за веќе започнатите извршувања како поповолен закон за граѓаните.

Од Министерството за правда информираат дека ова е втора измена на законот, а, според нив, двете измени се во насока на градење на концепт на правично извршување и заштита на достоинството на граѓаните.