Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји вчера престојуваше во прва посета на С. Македонија, откако стапи на должноста нов еврокомесар. Тој упати порака дека интергацијата на Западен Балкан во ЕУ ќе продолжи и Европската Комисија уште посилно и понапорно ќе работи за да го оствари тоа. Вархеји исто така рече дека потребно е да продолжи досегашната работа во имплементација на реформите, а приоритет треба да се даде на новиот закон за јавно обвинителство. Изрази надеж дека тој ќе биде донесен од страна на сегашниот Парламент и тоа, како што рече, ќе биде добар знак упатен до земјите-членки.
– Мора да ги забрзаме процесите и да вметнеме динамика во нив, но истовремено да ги направиме посигурни и поверодостојни за сите нас и за рагионот и за земјите членки, порача Вархеји и додаде дека проширувањето за новата ЕК останува приоритет.
Подвлече дека мора да се работи врз основа на процената дека С. Македонија и Албанија се подготвени за почеток на преговори.
– Нема промена во тој став и ќе се држиме до таа првична процена дека мора да почнеме пристапни преговори со овие две земји. Тоа значи дека треба да имаме позитивна одлука од Советот за отворање на пристапните преговори пред Самитот во Загреб годинава, изјави еврокомесарот Вархеји.
Во однос на новиот пристап, рече дека тој ора да биде сигурен и попредвидлив, и ќе мора да биде малку пополитички и објективен, но и со поголема динамика.
– Сакаме да предложиме отворање на пристапни преговори уште пролетва, но тоа треба да дојде заедно со економски план за регионот. На Самитот во Загреб се надевам дека ќе ја добиеме поддршката на земјите членки за интензивирање на нашето присуство и затворање на економскиот јаз меѓу вас и нас, изјави Вархеји.
Тој нагласи дека очекува успешни избори, по кои ЕУ ќе добие сигурен партнер во Владата, посочувајќи дека е клучно спроведувањето на Преспанскиот договор и билатералниот договор со Бугарија, без разлика на тоа која ќе биде следната влада. Додаде дека сакал својата прва посета да ја посвети на нашата земја, бидејќи, како што рече, направила многу за членство и го испорачала историскиот Преспански договор.
Премиерот Оливер Спасовски изрази очекување дека средбите и комуникацијата со Вархеји ќе добијат на интензитет, бидејќи како што рече, влегуваме во клучен период за остварување на нашата стратешка цел, членство во ЕУ.
Рече дека со ништо нема да се загрози постигнатото поради што добивме и признание од Европската комисија минатата година кога на Европскиот совет му беше предочено итно и безусловно стартување на пристапните преговори.
– Препораката дојде како резултат на успешно спроведените реформи и како резултат на храбрите одлуки за решавање на недоразбирањата со нашите соседи, кои нашите аспирации за членство во ЕУ ги направија реалност, рече Спасовски на заедничката прес-конференција со еврокомесарот Вархеји.
Вархеји се сретна и со претседателот Стево Пендаровски. Шефот на државата истакнал дека земјава останува посветена на европската агенда, имајќи го предвид фактот дека за членството во ЕУ има национален консензус меѓу политичките чинители и висока поддршка од граѓаните. Претседателот изразил надеж дека до март годинава ќе биде дефинирана новата методологија за водење на процесот на пристапните преговори меѓу земјите членки на ЕУ.
Вархеји оствари средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот за надворешни работи Никола Димитров, претседателот на СДСМ Зоран Заев, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.
На средбата во Министерството за надворешни работи, министерот Димитров на гостинот му порача дека ние сме заинтересирани што побрзо да се објави предлог методологијата и дека очекува тоа да ги разреши сите дилеми и задоволително ќе ги отслика барањата на сите земји-членки за заживување и зацврстување на процесот на проширување.
-Донесувањето на одлуката за почеток на преговорите е од клучно значење. Северна Македонија направи сè што се очекуваше од неа за да се донесе заслужената позитивна одлука, истакна Димитров.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев на средбата со Вархеји истакна дека Европската комисија отсекогаш била искрен и силен сојузник на Република Северна Македонија во прецот на евроинтеграциите и изрази уверување дека тоа ќе продолжи и со новиот состав на Комисијата.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен вчера изјави дека следните шест месеци ќе бидат клучни за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и најави дека ЕК за неколку недели ќе излезе со новата методологија за проширување.
Во текот на претставувањето на хрватскиот претседателство со Унијата во Европскиот парламент во Стразбур, Фон дер Лејен, ја повика ЕУ да го оддржи моментумот кога станува збор за Западен Балкан.
-Доколку сакаме успешен самит ЕУ- Западен Балкан во Загреб тогаш мораме сега да ја направиме нашата домашна задача. Затоа за неколку недели ќе ја претставиме нашата нова методологија за проширување за да разговараме за неопходната модернизација, а првенствено на нашите пријатели од Западен Балкан – С. Македонија и Албанија, да им дадеме перспектива за почеток на пристапните преговори, порача вчера Фон дер Лејен.