Во тек е рокот за поднесување барања за финансиска подршка за предадено винско грозје во домашна регистрирана винарска визба и висината изнесува два денари по килограм. Крајниот рок за поднесување апликации е до 25 декември .
За ова денеска на прес-конференција информираше Митко Керов, раководител на Подрачната единица за земјоделство, шумарство и водостопанство од Кавадарци.
– Исто така, веќе е започнато поднесување на барања за финансиска подршка за произведени и продадени градинарски и овошни култури во преработувачки капацитети. Корисници на подршката за градинарски култури се земјоделските стопанства кои во периодот од 1 март до 25 декември произвеле и продале градинарски култури во регистриран преработувачки капацитет за зеленчук. Висината за оваа подршка изнесува 1,5 денар по килограм за сите градинарски култури, освен за пиперки и корнишони, за кои поддршката изнесува три денари по килограм, информираше Керов.
Тој соопшти дека корисници на поддршка за овошни култури се земјоделски стопанства кои во периодот од 26 декември 2016 година до 25 декември 2017 година произвеле и продале овошје во регистриран преработувачки капацитет. Висината на подршката изнесува два денари по килограм.
– До 25 декември 2017 година се поднесуваат барања за финансиска подршка за произведени и продадени праски во преработувачки капацитети во периодот од 12 до 30 јуни 2017 година и за нив висината на подршката изнесува шест денари по килограм, додаде Керов.
Појасни дека во прилог со барањата за било која мерка, се доставува потврда за откупени количини.
– Доколку станува збор за мерката два денари по килограм за предадено грозје во домашна винарска визба, потребна е потврда дека винското грозје е однесено во винарска визба. Обрасците на потврдите веќе се достапни, може да се превземат од веб-страната на www.ipardpa.gov.mk во полето директни плаќања 2017 во обрасци, информираше тој.
Поднесувањето на барањата за финансиска подршка трае до 25 декември во Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, секој работен ден од 7: 30 до 16:30 часот.
Керов нагласи дека за сите прашања за овие мерки, земјоделците може да се обратат во подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.