Аидан Вајт: Слободата на изразување не е исто со новинарската слобода

Слободата на изразување им дава право на луѓето да кажат што сакаат без било какви рестрикции. И не мора да бидат одговорни, не мора да кажат извини кога ќе згрешат. Тоа е слободно изразување. Тоа е многу важен дел од демократијата. Но, тоа не е новинарство, вели Аидан Вајт, директор на Мрежата на новинарска етика (ЕЈН), која ја сочинуваат над 70 новинари, уредници, сопственици на медиуми и групи за поддршка на медиумите од целиот свет.

Тој нагласува дека слободата на изразување е многу важен дел од демократијата.

– Слобода на изразување е да го отвориш компјутерот, да напишеш блог или што сакаш да напишеш и да кажеш што сакаш, во граници на законот и можеби пристојноста. Сите можат да кажат што сакаат и дури не мора да ја кажат вистината. И всушност не мораат ниту да ги толерираат другите луѓе. Можат дури и да бидат навредливи или да не кажат кои се или да се претовараат дека се некои други. Поединците, кои не земаат плата да го штитат јавниот интерес, да откриваат прашања и теми во интерес на граѓаните, немаат обврски како новинарите. Нивниот збор не „тежи“ како оној на новинарот, кој се обраќа до широка публика, а медиумот во кој што работи има обврска да го штити јавниот интерес, додава Вајт.

Според него, новинарството не е слободно изразување, туку претставува слобода на медиумите да се изразуваат слободно, но во една рамка на вредности, која се нарекува етика на новинарството

– Новинарот мора да се воздржува. Новинарите не можат да си дозволуваат слобода на изразување. Тие го обликуваат своето изразување во рамки на новинарската етика.

Затоа, новинарите мора да си ги коригираат нивните грешки, и да се извинат кога прават грешки. Новинарите мора да ги почитуваат фактите. На новинарите не им е дозволено да пишуваат малициозни лаги. Мораат да покажат човечност, хуманост кон публиката, не смеат да промовираат говор на омраза, мораат да бидат непристрасни и да препознаат дали има и друга страна на приказната и така натаму. Овој додаток на вредностите го прави новинарството различно, не треба да се поистоветува со слободата на изразување, кое, повторувам, е силен, многу важен дел од демократијата, но не е новинарска етика, додава директорот на ЕЈН.

Вајт потенцира дека новинарската етика може да се состави во пет главни елементи: Точност (да се известува без извртување на фактите), Независност (новинарот не ја работи својата работа во име на некој друг и не смеете да бидете ничиј портпарол, на бизнис групи, корпорации, влади или било какви здруженија, особено интересни групи), Непристрасност (новинарот мора да види дали има и втора страна на приказната, бидејќи скоро секогаш има, некогаш дури и повеќе од две страни и е одговорен да види што велат и што размислуваат другите страни на приказната), Човечност (новинарот мора да бидете хуман, мора да ги согледа последиците од она што го објавува, мора да знае дека зборот што го употребува и фотографијата што ја покажува може да направи штета, бидејќи негова работа е да ги заштити луѓето, без да употребува говор на омраза, да покажува непристојни фотографии и непотребно да прикажува сцени на насилство) и Одговорност (новинарите мора да ги признаат грешките кога ќе бидат направени, да се извинат и да најдат лек за штетата што евентуално е направена).

– Во книгата на Бил Ковач и Том Розенстил, „Елементи на новинарството“, авторите велат дека издавачите и сопствениците на медиумите мора да се залагаат и постојано да објавуваат содржини од јавен интерес без страв и без пристрасност. Уредниците мора да се борат против извртувањето на слободата на говор, против манипулацијата со зборовите, против говорот на омраза, давајќи отпор кон притисоците кои доаѓаат и од владите, од корпорациите, судиите, адвокатите или кон кој било друг содавач на вести, кој манипулира нарекувајќи ја лагата со име вистина и војната со име мир. Најдиректен контакт со случувањата на терен и создавачите на вести и содржини се новинарите. Првиот контакт со граѓаните, темите, проблемите и претставувањето на деликатни прашања пред јавноста е во нивни раце, потенцира Вајт.

Тој нагласува дека новинарите првенствено треба да се лојални кон граѓаните, бидејќи обврската кон нив е поголема од професионалниот егоизам.

– Тоа е доверба која се подразбира. Се подразбира дека критиките за филмот се коректни, дека на оценката на рестораните не влијаат рекламите и дека покривањето на некој настан не е поради пријателство или лични интереси, додава директорот на ЕЈН.

Токму поради овие причини, смета Вајт, тие што ги прават вестите не смеат да бидат попречувани во ископувањето на вистината и кажувањето на вистината, дури и по цена на финансиските интереси на сопствениците.

– Меѓутоа, како секоја слобода или право, и слободата на медиумите завршува таму каде што почнуваат правата на другите. Новинарите не смеат во ниту една ситуација бесправно да етикетираат, напаѓаат, омаловажуваат, навредуваат или клеветат кој било поединец. Новинарите не смеат да ги лишат читателите од своето право на точно и вистинито информирање. Слободата на медиумите значи слободно известување за вистината, во рамките на новинарската етика. Слободата на медиумите никако не може да биде штит за манипулацијата, лажното информирање, клеветата, навредата, потенцира Вајт.