Димитриеска Кочоска: Повторно задолжување за непродуктивни трошења

рвата аукција на државни записи за 2020 година на износ од 500 милиони денари со рочност од 12 месеци што се одржа денеска во Министерството за финансии е ново зголемување на јавниот долг, рече денеска на прес-конференција дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Според неа, тоа што државните записи се со рочност од 12 месеци јасно укажува дека станува збор за тековно финансирање трошоци.

– Оваа власт во заминување и понатаму продолжува да ја задолжува државата. Повеќе од јасно е дека денешното ново задолжување ќе го зголеми јавниот долг, но она што мене повеќе ме загрижува е фактот дека ние имаме повторно задолжување за непродуктивни трошења, потенцира Димитриеска Кочоска.

Таа истакна дека не е инфромирана за денешното задолжување и не се согласува со истото.

– Денес се задолживме за некои трошења кои нема никако да влијаат на поквалитетен живот, ние денес ги задолживме нашите деца за работи кои нема ниту да го подобрат нивниот живот ниту да ја подобрат економијата, наведе Димитриеска Кочоска.

На прашање колку е нето задолжувањето со ова задолжување вкупно и колку пари излегуваат за раздолжување таа рече дека нема никакво раздолжување, а нето има 500 милиони денари нов долг.

Прашана во однос на нова еврообврзница, таа рече дека додека е техничка Влада не би потпишале, образложувајќи дека за толку краток период не би било возможно да се погледнат сите проекти кои би биле финансирани од тие средства.

– Кога имаме еврообврзница јасно треба да ни биде за што се задолжуваме, притоа секогаш мора да се водиме од фактот кога инвестираме да знаеме што инвестираме и какви ефекти имаме, имаме ли додадена вредност од тие капитални инвестиции или не. За еврообврзница дека се многу пари во прашање секогаш не се оди така едноставно за издавање, така да тука сигурно би требало многу подлабоки анализи, подетално да се погледнат сите проекти кои би биле финансирани од тие средства и во овој краток период тоа не е возможно да се направи, рече Димитриеска Кочоска