Од синоќа православните верници се поклонуваат пред моштите на Свети Василиј Велики. Во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица, во чест на големиот празник Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, традиционално се изложени на поклонение дел од моштите на овој светец.
-Правилниот начин на ставање паричка во лебче е во чест и слава на Свети Василиј, на чудото кое што го има направено, а преку тоа го добиваме и благословот од Бога преку молитвите на Свети Василиј Велики, рече Отец Константин, старешина на црквата „Свети Кирил и Методиј“.
За православната црква Свети Василиј Велики е еден од нејзините столбови или како што бил наречен „око на православната црква и уста на Светиот Дух“.
Според преданијата, моштите се донесени во Струмица во 1830 година од Кападохија, од војник од овие краишта кој служел во војската на Турската империја.