Вевчани ги живее своите два дена возбуда со карневалот под маски

Вевчани наредните два дена ќе пулсира во знакот на хуморот, сатирата, но и отворената критика кон негативното во секојдневието, кон општеството, светот, сето прикажано низ колоритните маски што ќе бидат дел од годинашното издание на познатиот Вевчански карневал.

Цела година луцидните вевчанци ги изработуваат своите маски што традиционално ги презентираат на 13 јануари, на главниот настан во годината за нив – познатиот Василичарски карневал посветен на Свети Василиј Велики, што како бренд се наметна низ годините како најуникатната културна манифестација во земјава.

Нивните креации се сработени со единствена цел – смешен, подбивен начин да исмејуваат познати, непознати ликови и да коментираат настани што ставија печат на старата 2019 година што изминува. Не случајно што изминува, затоа што за вевчанци Новата 2020 година пристигнува на 14 јануари, а тоа правило го почитуваат и гостите. Сите тука слават, а портите на домаќините, на сите куќи во селото овие два дена се отворени за секого. Жителите на ова село знаат како се пречекува гостин – со вино, греана ракија, мезе, сето зачинето со шега и насмевка.

Манифестацијата почнува денеска, со изложбата на Билјана Јуруковски која низ авторски израз ќе го презентира своето видување на Карневалот. Веднаш потоа следува гурманското шоу „Вкуси го Вевчани“, или „Cooking with Branko“. Градоначалникот на Општината Сашо Јанкоски заедно со директорот на Агенцијата за туризам Љупчо Јаневски ќе се сретнат со угостителите од општина Вевчани, сопствениците и менаџерите на ресторани, кафеани, кафе-барови во селото. Традиционално, вечерта е резервирана за добра забава, со богата програма за која овојпат се задолжени DJ Todorоff, „Brass Brothers“, „Еye Cue“ и Влатко Лозаноски.

Карневалските свечености продолжуваат утре со централниот настан на манифестација – главното дефиле на василичарите со маските низ улиците на вевчанската „держава“, како што си го викаат селото самите вевчанци. Тоа е таа поворка за која се вели дека „се може да се одложи, само Вевчанскиот карневал не“. Тој ден забавата трае од зората до другиот ден. После дефилето чиј почеток е предвиден за од 14 часот, организирана е голема сенародна забава со настапите на Дамјан Стојановски, Татијана Стефановска и Дувачкиот оркестар „Весела дружина“.

Вевчани од 1993 година е член на Здружението на европски карневалски градови. Организаторите секоја година се грижат манифестацијата да биде збогатена со некоја новина. Самиот карневал има интернационален дух бидејќи на него учествувале и гости од странство. Досега со свои маски низ вевчанските сокаци продефилирале и учесници од Бугарија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Турција…И сето тоа пред повеќеилјадна публика, од целата држава, но и бројни гости од странство кои добро знаат што се се случува овие два дена во годината во Вевчани.

На 14 јануари, кога се слави првиот ден од Православната или Стара нова година, останува да се заврши и онаа процедура според обичајот – точно на пладне на сред село да се палат маските од веќе изминатот карневал. Така е во Вевчани со години наназад. И уште тогаш, додека со палењето

на старите маски се сумираат впечатоците, веќе се јавуваат и првите идеи, се планираат маските за наредното карневалско издание.