Еден од видните Преспанци е, секако професор д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговата кариера започнала на Клиниката за дигестивна хирургија при ООЗТ – Клиники за хируршки болести при Универзитетскиот центар за медицински науки во Скопје каде, до денес, успешно ја остварува здравствената дејност како врвен абдоминален хирург
Во биографските податоци на професор д-р Никола Јанкуловски се вели декаМедицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје го започнал во академската 1976/77 година а го завршил со просечна средна оценка 9,33. Во 1990 година, пак, успешно го положил специјалистичкиот испит по Општа хирургија, супспецијалист по Абдоминална хирургија.
Еден од значајните датуми за Никола Јанкуловски е, секако, декември 2002 година, кога тој ја одбрани докторската дисертација со наслов „Процена на имунокомпетенцијата кај билијарната опструкција и улогата на билијарната дренажа врз прогнозата на болеста“.
Инаку, професор д-р Никола Јанкуловски е роден на 4 март 1958 година во Ресен, во градот на јаболкото и градот на Kерамичката колонија, која претставува дом за многу светски познати грнчари. Таму живеел со неговите родители Гоче Јанкуловски и Јорданка Доковска кон кои Никола се однесувал со љубов и почит.
Никола често вели дека тој потекнува од цела Преспа. Имено, неговата мајка е од Ресен, а татко му е од Љубојно и затоа авторот на овој текст ќе си земе за право да го нарече дека тој е љубански ресенец кој живее и работи во Скопје.
Тој е од печалбарско семејство. Неговиот дедо по татко, Стојан Јанкуловски потекнувал од едно поголемо и поимотно семејство во Љубојно, чии корени по прапрадедото Јанкула се протегаат дури до Москополе.
Панорама на Ресен
Неговиот дедо Стојан, заедно со една поголема група од Преспа и од егејскиот дел од Македонија заминал на печалба во Америка уште по Илинденското востание. Како младо момче бил мошне убав и привлечен и се заљубил во Американката Марија Алберт Хилберт, по потекло од Полска, веројатно, од еврејска семејна лоза. Тој во 1919 година ја донел Марија – Американката во Љубојно, која сé до својата смрт останала верна на семејството Јанкуловци да живее во Љубојно.
Инаку, Никола Јанкуловски се вели дека основно и средно образование завршил во Скопје. Студирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Како студент повеќе години бил активен член на Научниот клуб „Академик професор д-р Димитар Арсов“ при Медицинскиот факултет во Скопје и учествувал на стручни состаноци и конгреси каде презентирал повеќе трудови.
По завршувањето на Медицинскиот факултет и задолжителниот докторски стаж на 1.мај 1984 година, тој добил стипендија од Министерството за наука да работи на Клиниките за хируршки болести, а од 1.мај1985 година, се вработил на Клиниката за дигестивна хирургија при ООЗТ – Клиники за хируршки болести при Универзитетскиот центар за медицински науки во Скопје каде, до денес, успешно ја остварува здравствената дејност.
Наставно-научната дејност професор Јанкуловски ја започнал во 1988 година, како помлад асистент. Специјалистичкиот испит по Општа хирургија го положил во 1990 година, а во 1991 година бил избран за асистент по предметот Хирургија. Од изборот за помлад асистент активно учествувал во изведувањето на практичната настава по Општа и воена хирургија. Кон вежбите пристапувал со голем ентузијазам и им го пренесувал потребното знаење на студентите настојувајќи посебно да го истакне значењето на практичната настава и трудејќи се таа да биде на високо ниво, со педагошки однос и соодветен пристап кон лекувањето на болните пациенти.
Во април 2004 година, бил избран за доцент по предметот Хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје. На 28 мај 2009 година е избран за вонреден професор, а на 26 декември 2013 година, Универзитетскиот сенат на својата 15 седница го избра за редовен професор по предметот Хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје.
По изборот за доцент Никола Јанкуловски предава определени поглавја од Воената, Општата и Дигестивната хирургија. Постојано се труди да ги пренесе најновите сознанија од своето искуство и од литературата и нивната можна примена во наши услови. Јанкуловски активно учествува во теоретската и практичната едукација на специјализантите по хирургија и сродните гранки. Од мај 2003 година е член на Друштвото на колопроктолози на Југославија, од февруари 2006 година, е член на Американското здружение на абдоминални хирурзи, а од ноември 2008 година е член на Европското здружение на дигестивни хирурзи.
Од стручните остварувања треба да се одбележи следното: Во текот на септември 1996 година, имал стручен престој во Клиничкиот центар на Србија на Институтот за болести на дигестивниот систем во Белград, кај професор д-р Р. Чоловиќ; во текот на март 1999 година остварил стручен престој во Хируршката болница Klinik in Park во Цирих; од 1999 до 2002 година, бил хонорарен наставник по предметот Хирургија во Државното средно медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ Скопје; во август 2000 година оди на студиски престој на Клиниката Johann Wolfgang Goethe во Универзитетскиот медицински центар во Франкфурт кај реномираниот професор Мет Енцке; во 2001 година Никола Јанкуловски остварува студиски престој во болницата L’ hôpital Henri Mondor во Париз, а во јуни 2002 година во St. Marks Hospital и Hammer Smith (Imperial College) кај проф. Nagy Habib, во Лондон; во текот на март 2004 година бил на стручно усовршување за еднодневна хирургија во Универзитетската болница Umberto I, кај проф. V. Pezzangora; во јуни 2004 година остварува научен престој кај проф. F. Herbst на АКН клиниката во Виена, а во мај 2008 година во Клиничкиот центар во Љубљана. И од септември 2007 до 1 април 2009 година е избран на функцијата директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија.
Д-р Јанкуловски има објавено бројни научни и стручни трудови и други изданија во домашни и во меѓународни списанија, автор е на прирачници од областа на медицината и учествувал во реализацијата на научноистражувачки проекти. Имено, тој има објавено повеќе од 130 научни и стручни трудови и други изданија во земјата и странство; автор е на 2 прирачника од областа на медицината; раководител/учесник е во 5 научноистражувачки проекти.
Професор д-р Јанкуловски, меѓу другото, е член на Американското здружение на абдоминални хирурзи (ASAS), член на Европското здружение на дигестивни хирурзи. Тој бил член на Стручната комисија при Лекарската комора на Македонија, на Комисијата за меѓународна соработка на Медицинскиот факултет во Скопје. Тој, исто така, членува во Комисијата за наука на УКИМ (2007-2009); во Одборот за судско-медицински вештачења на Медицинскиот факултет при УКИМ (2009 година до денес); член е на Кадровски одбор на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје (од 2009 до 2016 година); во Управниот одбор на УКИМ Конгресен центар – Охрид (од 2011 –до 2016); во Управниот одбор на Комората на вештаци на Македонија (од 2013 година до денес); во Комисијата за доделување на признанието „Најдобар млад научник“ (2013-2015); во Одборот за доделување на наградата „Свети Кирил и Методиј“ за 2014, 2015 и 2016 година; во Управниот одбор на З.У. Студентска поликлиника на УКИМ во Скопје (2015-2016).
УКИМ
За неговите постигнувања, професор д-р Никола Јанкуловски е добитник на значајни награди и признанија, меѓу кои и на државната награда „Свети Климент Охридски“ во 2013 година, за особен придонес во здравството и е добитник на највисоката награда на Македонското лекарско друштво – повелбата „Д-р Трифун Пановски“ во 2015 година за исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и развојот на здравствената заштита. Потоа, во 2015 година, професор д-р Никола Јанкуловски стана лауреат на највисокото признание, државната награда за животно дело „11 Октомври“.
Од 1 април 2009 година е назначен за в.д. декан на Медицинскиот факултет од страна на ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ), а од 22 септември е единствен утврден кандидат од страна на Наставно-научниот совет за декан на Медицинскиот факултет во Скопје.
На 29септември 2009 година Универзитетскиот сенат ја потврди Одлуката на ректорот на УКИМ за избор за декан на Медицинскиот факултет за мандатниот период 2009-2013 година. Потоа, во 2013 година, Универзитетскиот сенат на својата 9. седница одржана на 30 април, ја верификува Одлуката на ректорот на УКИМ за повторен избор за декан на Медицинскиот факултет за мандатниот период од 4 години, сметано во периодот од 2013 до 2017 година.
Универзитетскиот сенат на својата конститутивна седница одржана на 27 јуни 2016 година донесе Одлука за избор на професор д-р Никола Јанкуловски за ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во мандатниот период 2016-2020 година. Притоа, на 14 септември 2016 година, во аулата на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје се одржа инаугурацијата, односно свеченото стапување на должност на новоизбраниот ректор, професор д-р Никола Јанкуловски, во согласност со членот 132 од Статутот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
По преземањето на функцијата ректор на УКИМ, професор д-р Никола Јанкуловски за медиумите, меѓу другото го изјави следното: „Немам лесна и едноставна задача. Напротив, имам голема обврска да го продолжам патот на моите претходници во одржувањето на автономијата и јакнењето на Универзитетот. Тој пат ќе биде вистински и без препреки само ако го одиме заедно и да продолжиме да го надградуваме и унапредуваме Универзитетот како автономен современ универзитет“.
Ректорот професор д-р Никола Јанкуловски е избран за директор на Одборот на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Заедно со членовите: проректорот професор д-р Гордана Јосифова-Неделковска, м-р Марија Маневска и м-р Иван Џо Петрески, како и постојаните членови Томе Буклевски и Славе Николовски-Катин, кој е потпретседател на Фондацијата, ќе раководат со судбината и иднината на оваа најголема фондација од дијаспората што ја формираше доблесниот Македонец Атанас Близнаков од село Д΄мбени, Костурско кој со сопругата Славка живееше во Гери, Индијана.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН