Во Собранието на Република С. Македонија денеска седници ќе одржат Законодавно-правната комисија и Комисијата за транспорт, врски и екологија.
Законодавно – правната комисија ќе одржи две седници. На првата на дневен ред се Предлог законот за младинско учество и младински политики – во второ читање, поднесен од пратениците: Ивана Туфегџиќ, Мери Лазарова, Слаѓана Митовска, Невенка Стаменковска Стојковски, Агим Шаќири, Теута Биљали, Нола Исмајлоска, Реџеп Мемеди и Предлог-законот за правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во Република С. Македонија, исто така во второ читање.
На втората седница единствена точка е Предлог – законот за изменување на Законот за еднакви можности на жените и мажите, кој се носи по скратена постапка, во второ читање.
Комисијата за транспорт, врски и екологија, пак, ќе дебатира по годишните програми за работа и развој на Агенцијата за пошти, на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор и на Aгенцијата за цивилно воздухопловство и по Годишниот финансиски план на Агенцијата за цивилно воздухопловство, сите за 2020 година.