Претседавачот на Воениот комитет на НАТО во посета на земјава

Претседавачот на Воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал Стјуарт Пич престојува во дводневна официјална посета на Република Северна Македонија и Армијата.

Пич, кој е претседавачот на највисокото воено советодавно тело на НАТО, денеска ќе оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по што ќе биде информиран за плановите и процесот на трансформација на командите и единиците на Армијата.

За време на престојот во земјава, маршал Пич ќе ја посети и Канцеларијата за врски на НАТО, а утре ќе биде примен и од претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски.