Владата ќе ја одржи втората редовна седница

Владата на Република С. Македонија денеска ќе ја одржи втората редовна седница, на која меѓу другото, ќе се разгледа и усвои Предлог – програмата за работа на Владата во 2020 година.

На денешната седница, како што информираат од владината прес-служба, ќе бидат разгледани и ќе бидат ставени на усвојување програмите за работа на повеќе јавни претпријатија, агенции и акционерски друштва во државна сопственост.

На предлог на Министерството за финансии денеска треба да биде разгледан и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска полиција, по скратена постапка, a Министерството за економија за оваа седница ги предлага точките Предлог – програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2020 година и Предлог – програма за развој на туризмот на Република С. Македонија за 2020 година.

Владата на ќе ги разгледа и Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко – планска документација и урбанистичко – проектна документација во Република Македонија за 2020 година.

На денешната седница Владата ќе се произнесе и по  Предлог – националната годишна програма за јавно здравје во Република С. Македонија за 2020 година, а на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација ќе биде разгледана и информацијата за потребата од спроведување на функционална анализа во институциите од јавниот сектор.

Втората редовна седница на Владата е предвидена да започне во 12:00 часот, и со неа ќе претседава премиерот Оливер Спасовски.